Admir Fazlagic
11 Ноември 2017•Ажурирај: 11 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи се сретна со Министерката за европска интеграција на Косово, Дурата Хоџа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања на Република Македонија (СЕП) на средбата била потенцирана заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, како и соработка во оваа насока меѓу двете земји.
„Македонија и Косово ја имаат истата цел- пристапување во ЕУ. Верувам дека можеме да се поддржиме во процесот на интеграција во ЕУ со континуиран, отворен и конструктивен дијалог“, истакнал Османи на почетокот на средбата.
Во тој контекст, стои во соопштението, вицепремиерот Османи ги понуди искуството и знаењата кои Македонија ги стекна во делот на спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, со директна соработка и експертска помош, нагласувајќи дека Косово ќе ја добие целосната поддршка од стана на Македонија за нивните евроатлантски аспирации.
„Двајцата соговорници ја повторија и поздравија иницијативата за одржување заедничка седница на владите на двете земји, во рамките на воспоставените институционални механизми со потпишаниот Договор за соработка во областа на европската интеграција, а беа разгледани и заедничките проекти во рамките на Берлинскиот процес, како и можното воспоставување заедничка царина", информираат од СЕП.
Меѓудругото, вицепремиерот Османи на средбата потврдил и дека се работи на спроведувањето на стратешкиот проект во рамките на ИПА за прекугранична соработка, граничниот премин Белановце- Станчиќ, и подвлекол дека ќе стори сè што е во рамките на неговите надлежности како НИПАК за навремено завршување на сите постапки, за што побара заложба и од косовската страна.