Besar Ademi
19 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата на Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во презентацијата на работата и ангажираноста на Секретаријатот за европски прашања за изминатите 100 дена на Владата, пренесе дека новата Влада паралелно со спроведувањето на реформите, работела на елиминирање на предизвиците што стојат на патот на евро-.атлантските интеграции на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Османи, кој се обрати на прес-конференција одржана во просториите на Владата на Македонија, истакна дека како нова Влада, се соочиле со замрзнати односи со стратешките партнери кои, како што рече тој, на директен начин ѝ укажуваа на Македонија дека е земја со заробени институции и дадоа придонес во враќањето назад во евро-атлантскиот процес.
Османи нагласи дека оваа Влада ги поставува реформите како најголем предизвик и како најзначаен приоритет, и додаде дека во првите 100 дена на новата Влада се работело во спроведување на потребните реформи, со цел да се деблокира процесот на интеграција.
„Прогресот во евро-атлaнтските процеси на Република Македонија, за среќа, не прeтставува изолиран случај на Балканот, туку е во иста насока со новиот дух на европскиот регионален оптимизам, кој се шири и во земјите-членки на Унијата. Во оваа насока имам изјавено дека се потребни конкретни чекори од страна на Европската Унија, но и од страна на земјите-членки на Унијата, чекори кон видливоста на европските перспективи на Македонија. Чекори во насока на зајакнување на европскиот оптимизам во земјата и во регионот“, вели Османи.
Тој истакна дека на надворешен план, Владата на Македонија потпишала историски договор за добрососедство со Бугарија, кој, според него, постави нова траса во градењето добри односи со соседите кои треба да резултираат со нова клима во позитивните односи за решавање на отворените прашања со Грција.
Вицепремиерот на Македонија се осврна и на Планот 3-6-9, кој беше усвоен претходно овој месец, врз основа на програмата на Владата, Договорот од Пржино, извештајот на Прибе, Венецијанската комисија, Комисијата на ГРЕКО (Групата земји против корупцијата, како и препораките на ОБСЕ-ОДИХР.
Османи истакна дека овој план, кој е составен од три фази, е во напредна фаза на спроведување. Според него, првата фаза од овој план е во финалната фаза од спроведувањето, која треба да заврши со одржување на сигурни, фер и слободни избори.
„Македонија станува позитивна приказна на Балканот, обратно од тоа што беше пред неколку години, во текот на политичката криза. Станува земја за пример, којашто шири оптимизам во регионот и ние таа енергија мораме да ја одржиме, мораме да ја унапредиме преку храбри чекори што оваа влада ги прави“, одговори Османи на новинарското прашање за тоа што очекува од идната препорака на Европската комисија за земјата.