Vakkas Doğantekin
22 Август 2019•Ажурирај: 23 Август 2019
АНКАРА (АА) - Обединетите нации (ОН) издадоа предупредување дека 3 милиони луѓе во северозападна Сирија се изложени на сериозен ризик, доколу режимот ја продолжи својата офанзива против цивилите и цивилната инфраструктура, јавува Anadolu Agency (AA).
„Генералниот секретар (на ОН) рече дека е длабоко вознемирен од континуираната ескалација во северозападниот дел на Сирија и од изгледите за офанзива подлабоко во Идлиб, која би можела да предизвика нов бран страдања на луѓето, кој веројатно би можел да влијае на повеќе од 3 милиони лица“, изјави Стефан Дужарик, портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Цитирајќи го осудувањето на Гутереш за континуираните напади врз цивилите, Дужарик рече дека ОН „ги повикуваат сите страни целосно да го почитуваат меѓународното хуманитарно право“.
„Генералниот секретар го повтори својот итен повик за придржување кон Меморандумот за разбирање за Идлиб потпишан во септември 2018 година“, додаде тој, осврнувајќи се на договорот за прекин на огнот постигнат меѓу Турција и Русија.
Тој го осуди раселувањето и страдањата на локалното население, односно илјадници од нив морале да се преселат на друга локација неколку пати за да ги избегнат режимските бомби.
„Во период меѓу 1 мај и 18 август оваа година, 576.000 раселени лица се евидентирани на северозападниот дел на земјата“, рече тој.
„Многу луѓе се раселени по пет пати, а некои се принудени да се раселуваат дури 10 пати поради тековните судири“.
Турција и Русија се согласија минатиот септември да го претворат Идлиб во деескалациона зона, каде што актите на агресија се строго забранети.
Но, сирискиот режим и неговите сојузници постојано го прекршуваат прекинот на огнот, спроведувајќи чести напади во подрачјето.
Моментално, деескалационата зона е населена со 4 милиони цивили, меѓу кои и стотици илјади раселени од режимските сили од градовите и помалите места низ целата земја.
Според ОН, стотици илјади луѓе се убиени, а над 10 милиони се раселени поради војната во Сирија, која трае над осум години.