Ayşe Doğru
22 Август 2019•Ажурирај: 23 Август 2019
АНКАРА (АА) - Пакистанскиот премиер, Имран Кан, истакнувајќи дека нема смисла да се разговара со Индија, која го укина уставниот член што му дава посебен статус на Џаму и Кашмир, рече дека напорите за воспоставување дијалог со Њу Делхи биле неуспешни, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервјуто за американскиот „Њујорк тајмс“, премиерот Кан остро ја критикуваше Индија за прашањето за Кашмир.
„Нема никаква смисла да се разговара со Индија. Сакам да кажам дека разговарав онолку колку што требаше. За жал, во моментот кога ќе погледнам назад, сите мои обиди за воспоставување мир и дијалог се сфатени како отстапки“, рече Кан.
Наведувајќи дека напорите за дијалог не биле успешни, Кан рече: „Веќе нема што да направиме.“
„Сега, најважното прашање е животот на 8 милиони луѓе во Џаму и Кашмир“, рече Кан и додаде: „Загрижени сме дека ќе има етничко чистење и геноцид.“
Кан, исто така, истакна дека се загрижени од тоа дека Индија ќе се обиде да ги легитимира своите воени дејствија против Пакистан со организирање измамнички операции во Кашмир и дека ако се случи такво нешто, ќе возвратат.
„Се работи за земји со нуклеарни оружја, сè може да се случи. Тензиите може да се зголемат, а тоа е застрашувачка ситуација за светот“, истакна Имран Кан, премиерот на Пакистан.
- Индија го укина специјалниот статус на Џаму и Кашмир
Индиските власти го укинаа специјалниот статус на спорниот регион Џаму и Кашмир. Министерот за внатрешни работи на Индија, Амит Шах, го прочита тогашниот предлог-закон за измени и надополнувања на Законот, со кој се укинува членот 370 од индискиот Устав, кој го регулира статусот на споменатите региони.
Двете единици ќе имаат одвоени собранија со кои ќе раководи централната власт.
Членот 370 на тој регион му овозможуваше сопствен устав, одделно знаме и независност по сите прашања, освен за надворешната политика, одбраната и комуникациите.
Пакистан и Индија во 1947 година за првпат влегоа во војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно војуваа во 1965 и во 1999 година.
Индија контролира околу 45 % од Кашмир, Пакистан околу 35 %, а Кина 20 %. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е една од доминатно муслиманските покраини во Индија.
Пакистан на делот од Кашмир кој е под негова контрола му додели статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на Обединетите нации со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши со волјата на тамошното население и тој регион да се демилитаризира. Такво сценарио застапува и Пакистан, но не и Индија.
По укинувањето на специјалниот статус на Џаму и Кашмир од страна на Индија, Пакистан официјално ги прекина трговските односи со овие земји.