Ekip
15 Април 2025•Ажурирај: 18 Април 2025
ГАЗА (АА) - Животите на новороденчињата во Газа се под сериозна закана поради недостигот од храна, лекови и медицински материјали - последица на израелската блокада, предупредуваат палестинските лекари, јавува Анадолу.
Педијатрите кои работат во Медицинскиот комплекс „Насер“ нагласуваат дека новороденчињата, особено оние кои се родени со слаба тежина или со здравствени проблеми, имаат итна потреба од дополнителна исхрана, лекови и медицинска нега.
Но, како што истакнуваат, дури и овие основни и суштински потреби не можат да бидат обезбедени поради блокадата што Израел ја спроведува врз Газа.
Од почетокот на израелската офанзива врз палестинската енклава, во октомври 2023 година, според последните податоци, во Газа се убиени речиси 51.000 Палестинци, од кои најголем дел се жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Газа.
Покрај тоа, Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, за воените дејствија спроведени во оваа енклава.