Sinan Doğan
03 Октомври 2021•Ажурирај: 04 Октомври 2021
БОГОТА (АА) - Најмалку еден полицаец и четворица затвореници се повредени за време на операцијата на безбедносните сили во еквадорскиот затвор, соопштија полицијата и локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Елитни полициски екипи влегоа во затворот „Литорал“ во Гвајакил по новите судири меѓу затворениците. Најмалку 118 луѓе загинаа во немирите меѓу ривалските банди пред неколку дена во истиот затвор, а операцијата е во тек за враќање на целосната контрола.
Полицијата соопшти дека за време на акцијата биле запленети оружје, муниција и мобилни телефони.
Владата прогласи 60-дневна вонредна состојба низ затворите во Еквадор за да спречи избувнување понатамошни судири и да овозможи одвивање претреси и други мерки за надзор.
Боливар Гарзон, директорот на еквадорската Агенција за управување со затворите во земјата, во петокот на прес-конференција изјави дека 2.000 стари лица, инвалиди и смртно болни затвореници ќе бидат помилувани и ќе се изгради доволна затворска инфраструктура на национално ниво за да се намали пренатрупаноста.
Во Еквадор се чести брановите насилства во затворите. Во немирите во февруари годинава загинаа 79 лица, додека во јули 22 лица.