Muhammet Kurşun
03 Октомври 2021•Ажурирај: 04 Октомври 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Хусеин Амир-Абдулахијан, побара од американскиот претседател Џо Бајден да ги ослободи блокираните 10 милијарди долари на Иран за да ја покаже својата добра намера во преговорите за нуклеарниот договор и санкциите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за иранската државна телевизија, Амир-Абдулахијан се осврна на преговорите за нуклеарниот договор и санкциите.
„Ние сме сериозни во врска со прашањето за преговорите и би се вратиле на маса. Американците сакаа да се сретнат со мене преку различни канали. Ако Американците навистина го сакаат тоа, нека ослободат 10 милијарди долари од нашите блокирани финансиски средства. Мора да се направи чекор пред да можеме да кажеме дека Џо Бајден се разликува од Доналд Трамп. Ако намерите на Бајден се сериозни, за тоа мора да постојат сериозни назнаки. Една од нив е да ослободи наши барем 10 милијарди“, порача Амир-Абдулахијан.
Наведувајќи дека нема да ја поврзе иранската економија и надворешна политика со нуклеарниот договор, тој рече:
„Бајден вели дека не ги прифаќа методите на Трамп, а во исто време се однесува како него. Бајден изјавува дека нема да воведува санкции како Трамп, но сака да дојде на преговарачка маса со 1.600 ставки на санкции.“
Нуклеарниот договор, чие официјално име е Заеднички сеопфатен акционен план (JCPOA), беше потпишан во 2015 година од Иран, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и Европската Унија.
Според овој договор, на Техеран му е дозволено да збогатува ураниум до најмногу 3,67 проценти, а светските сили за возврат се согласија да се откажат од економските санкции кон Иран.
Меѓутоа, САД за време на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година и повторно воведоа санкции кон Иран, што го натера Техеран да престане да го почитува нуклеарниот договор.
Иран во јануари годинава објави нов план за дополнително зголемување на збогатувањето ураниум како противмерка на санкциите што ги воведе администрацијата на Трамп.
И покрај одлуката на САД за повлекување, Германија, Франција и Велика Британија во повеќе наврати изразија посветеност кон договорот и го повикаа Техеран целосно да го почитува нуклеарниот договор.