Ekipa
03 Октомври 2021•Ажурирај: 04 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Излезноста на гласачите на првите парламентарни избори во Катар изнесува 63,5 отсто, соопшти денес Надзорната комисија за изборите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комисијата соопшти дека ниту една од 28-те жени кои учествуваа во вчерашната изборна трка не успеала да освои место во советодавниот совет Шура, објави државната новинска агенција КНА.
Вкупно 234 кандидати учествуваа на изборите за избор на 30 членови на Шурата којашто се состои од 45 места. Останатите 15 членови на овој совет ќе бидат назначени од владејачкиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани.
На 29 јули, шеикот Ал Тани го одобри изборниот законик кој им овозможува на Катарците да се кандидираат и да изберат 30 претставници во Шурата на тајно и директно гласање.
Шурата во денешниот облик е формирана во 1972 година и има овластувања да ги разгледува општите политики, вклучувајќи го и буџетот на земјата, изготвување предлог-закони и набљудување на перформансите на Владата, како и овластување да ја става во прашање работата на министрите.