Zehra Ulucak
24 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
КРАЈСТЧРЧ (АА) - Во паркот „Хагли“ во новозеландскиот град Крајстчрч организирана е програма за сеќавање на жртвите од терористичкиот напад на двете џамии извршен во тој град на 15 март, пренесува Anadolu Agency (AA).
На програмата, одржана по повод сеќавањето на жртвите на нападот на џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ присуствуваа неколку илјади лица од различни етнички заедници и верски уверувања.
Официјалните претставници сметаат дека на програмата, која во паркот „Хагли“ започна во попладневните, а заврши во вечерните часови по локално време, присуствувале околу 40.000 лица.
Во рамките на програмата беа одржани обраќања, беа прочитани имињата на 50-те настрадани лица и беа упатени молитви за нив.
Во нападот е ранет и Мустафа Бозташ, кој изјави дека е убаво да се види дека граѓаните се собрале за да пружат поддршка и покажале заедништво.
Бозташ е ранет во нападот на џамијата „Ал Нур“. Тој изјави дека се надева дека наскоро ќе може повторно да оди.
Окуеро Тилаја, претставник на Средното училиште „Кашмир“, чии двајца ученици беа убиени во нападот, го цитираше американскиот активист и борец за човекови права, Мартин Лутер Кинг, кој рекол: „Темнината не може да ја исфрли темнината, само светлината го може тоа. Омразата не може да ја отфрли омразата, само љубовта го може тоа.“
Низ Нов Зеланд се организирани програми за сеќавање на жртвите на терористичките напади врз џамиите „Ал-Нур“ и „Линвуд“.
Потсетуваме, повикот (езанот) за петочната молитва (џума-намаз) беше емитуван преку јавни радиодифузери, по што е одржан двеминутен молк. Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, ставајќи црна шамија и присуствувајќи на петочната молитва во паркот „Хагли“, оддаде почест на настраданите.
Ардерн, при самата молитва, говорот го започна со зборовите на пратеникот Мухамед (хадис).
„Пратеникот Мухамед рече: ’Верниците едни на други им укажуваат почит, сомилост и симпатии и тие се како едно тело. Доколку еден дел од телото боледува, и другите делови се придружуваат во болката.‘ Нов Зеланд е со вас. Во жалост, ние сме едно“, изјави тогаш Ардерн.
Џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“, кои беа цели на терористички напади, по безбедносните проверки, вчера беа отворени за посети. Сепак, не е познато кога ќе бидат отворени за молитва.