Adam Abu Bashal
16 Ноември 2018•Ажурирај: 17 Ноември 2018
АБУЏА (АА) - Припадниците на терористичката организација Боко Харам упаднаа во село во нигериската покраина Борно, а во нападот се запалени 100 куќи и се киднапирани најмалку 10 жени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Старешината на селото, Булама Мохамед Ибрахим, изјави дека припадниците на Боко Харам упаднале во селото и најпрво пукале по случаен избор. Во нападот се запалени околу 100 куќи, а настрадаа повеќе од 100 грла стока.
Терористите од споменатото село киднапираа најмалку 10 жени.
Во регионот Карето, кој исто така се наоѓа во покраината Борно, терористите на Боко Харам се судрија со припадниците на безбедносните сили на Нигерија. Во размената на оган загинаа тројца војници, а повеќе се ранети.
Боко Харам е терористичка организација која во Нигерија на почетокот од 2000 години ја основа екстремистот Мухамед Јусуф со цел борба против сите видови на западната култура, посебно во образовниот систем на Нигерија.
Јусуф под неразјаснети околности почина во затвор во 2009 година, а Боко Харам поради тоа ги интензивираше терористичките активности и стана глобална терористичка закана. Моментално дејствува во Нигерија, Камерун, Бенин, Чад и Нигер.