Handan Kazancı
16 Ноември 2018•Ажурирај: 17 Ноември 2018
ТИХУАНА (AA) – Караванот со мигранти претежно од земјите на централна Америка, кој е на пат кон САД, денес пристигна до градот Тихуана, кој се наоѓа на мексиканско-американската граница, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Околу 2.000 мигранти кои се дел од големиот караван од 7.000 лица, пристигнаа во регионот“, објавија градските официјални претставници. Со оглед на тоа дека мексиканскиот град има можност да прифати само 700 лица, властите на Тихуана за употреба на мигрантите отворија стадион и спортски комплекс.
Од мигрантите се очекува со денови да чекаат на границата, бидејќи службениците на граничната полиција дневно можат да изработат околу 100 мигрантски пријави.
Според податоците на ОН, во големиот мигрантски караван имало околу 2.300 деца.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, неодамна беше јасен по прашањето за караванот, нарекувајќи го „инвазија“ и велејќи дека војската ќе го запре.
„Многу членови на бандата и некои многу лоши луѓе се измешаа во караванот, кој се движи кон јужната граница на нашата земја. Ве молам, вратете се. Нема да бидете примени во САД, освен ако не ја поминете легалната процедура. Ова е инвазија на нашата земја и нашата војска ве чека“, порача Трамп преку Твитер.
Претходно овој месец Пентагон соопшти дека поголемиот дел од 7.000 војници што ќе бидат распоредени на границата на САД со Мексико, нема да бидат вооружени.
Во караванот претежно има државјани на Хондурас, кои бегаат од насилството и сиромаштијата во својата земја.