Şerife Çetin
16 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија упати повик за правда во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Европската комисја, Маја Коцијанциќ, беше запрашана дали по воведувањето на санкции од страна на САД кон 17-мина Саудијци што се вмешани во убиството на новинарот Џамал Кашоги, потребно е и ЕУ да преземе слични чекори. Таа потсети дека уште од самиот почеток е многу јасен ставот на претставниците на Унијата за убиството на Кашоги.
Коцијанциќ потсети дека ЕУ упатила повик за спроведување „транспарентна и доверлива“ истрага, истакнувајќи дека е потребно на виделина да излезат сите детали за убиството на Кашоги и да се казнат виновниците.
Коцијанциќ рече дека ЕУ не се обидува да му се освети никому и додаде: „Треба да се обезбеди правда за убиството на Кашоги. Очекувањата на целата меѓународна заедница се во таа насока.“
Посочувајќи дека ЕУ во таа насока ги продолжува заедничките работи со меѓународните партнери, Коцијанциќ рече: „Истовремено, потребно е да се преземат превентивни мерки за да не се повтори едно вакво убиство.“
Коцијанциќ изјави дека земјите членки на ЕУ се во комуникација во врска со убиството на Кашоги, истакнувајќи дека на тој начин ќе биде утврден заедничкиот став.