Ekipa
16 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Циклонот кој денес го погоди јужниот брег на Индија усмрти 11 лица и оштети голем број станбени објекти, поради што се евакуирани повеќе од 80.000 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Циклонот Гаја пристигна до копното во државата Тамил Наду, со обилни врнежи на дожд и ветар со брзина до 90 километри на час. По доаѓањето на копно, бурата се намали“, изјави Нарендра Кумар од Националните сили за одговор на катастрофи.
„Луѓето што живеат во ниските предели се однесени во повеќе од 470 прифатни центри во шест окрузи, а рибарите се предупредени да се држат подалеку од морето“, додаде таа.
Едапади К. Паланисвами, главниот министер на државата Тамил Наду, за медиумите потврди дека 11 луѓе го загубиле животот во циклонот.
„Бурата урна дрвја и далноводи, а властите превентивно го исклучија напојувањето со електрична енергија во најтешко погодените подрачја. Затворени се училиштата, а улиците претежно се празни во окрузите Нагапатинам и Караикал“, јавуваат индиски медиуми.
Силниот дожд ги оштети посевите со ориз и патиштата, а силните ветрови корнеа од корен стебла банани и папаи покрај брегот.
Државата Тамил Наду е склона кон циклони кои се развиваат во Бенгалскиот Залив.