Fatma Esma Arslan
10 Декември 2021•Ажурирај: 12 Декември 2021
ДАКАР
Во заедничка операција на африканските земји Буркина Фасо и Нигер неутрализирани се 100 терористи, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерствата за одбрана на Буркина Фасо и Нигер излегоа со заедничко соопштение во кое се наведува дека на 25 ноември во регионот Каја во Буркина Фасо е започната заедничка воена операција наречена ТААНЛИ 2, која заврши на 9 декември.
Во соопштението се вели дека во акцијата се уништени два штаба на терористите, дека е запленето големо количество експлозиви и муниција и неутрализирани се 100 терористи.
За време на операцијата загинаа 4 војници на Буркина Фасо, а 13 војници беа ранети од активирање на претходно поставен експлозив.
Терористичките групи поврзани со Ал Каеда и ДЕАШ кои дејствуваат во соседната земја Мали, исто така, често вршат напади и во Буркина Фасо и Нигер.
Иако Нигер во подрачјето Сахел спроведува заеднички воени операции со својот сосед Буркина Фасо, тоа сепак не може да ја ослаби моќта на терористичките групи стационирани во Мали.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), 313.000 луѓе се раселени во последните три години поради терористичките напади во Нигер, а 235.000 луѓе биле принудени да се засолнат во соседните земји.
„Хјуман рајтс воч“ (HRW) објави дека 420 цивили биле убиени во девет терористички напади на границата на Нигер со Мали и Буркина Фасо од јануари до јули оваа година.
Смртта на 58 војници во терористичките напади во Буркина Фасо во ноември предизвика сериозни критики против Владата од страна на јавноста.
По овие напади беа одржани протести на кои беше побарана оставка од претседателот Рок Марк Кристијан Каборе, а Владата беше обвинета за неуспех во борбата против тероризмот.
Од друга страна, претседателот Каборе на 8 декември го разреши премиерот Жозеф Мари Дабире поради зголемените реакции.