Bayram Altuğ
10 Декември 2021•Ажурирај: 12 Декември 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Руперт Колвил, портпаролот на Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права (ОХЦХР), информира дека војската на Мјанмар, во село во северозападниот дел на земјата запалила 11 селани, меѓу кои 5 деца, додавајќи дека се загрижени од алармантното зголемување на сериозните прекршувања на човековите права во Мјанмар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Колвил на неделната прес-конференција одржана во Канцеларијата на ОН во Женева наведе дека кршењето на човековите права во земјата е зголемено во досега невиден обем за 10-те месеци откако Армијата на Мјанмар ја собори демократски избраната Влада.
Истакнувајќи дека на 7 декември, единица на војската на Мјанмар е нападната од милициските сили со далечински управуван експлозив во градот Салинги во провинцијата Сагаинг, Колвил рече дека како одговор на тоа, војската извршила рација во селото Доне Тав и уапсила 6 мажи и 5 деца, најмладото 14 години.
„Подоцна 11 мажи се пронајдени изгорени од селаните“, рече Колвил.
Наведувајќи дека се загрижени од алармантното зголемување на сериозните прекршувања на човековите права во Мјанмар, Колвил нагласи дека генералот Мин Аунг Хлаинг, водачот на Воената администрација во Мјанмар од државниот удар, не ја исполнил својата обврска да го заштити сопствениот народ во рамките на неговата одговорност кон меѓународното право.
„Како резултат на тоа, повеќе од 1.300 луѓе загинаа, а 10.600 се приведени“, додаде Колвил.
Реакциите во јавноста се зголемија откако на социјалните мрежи се споделени снимки од луѓе кои наводно изгореле откако биле убиени од страна на војници во селото Доне Тав.
Очевидец, кој не сакаше да биде именуван поради безбедносни причини, рече дека 50 војници напредувале кон селото Доне Тав на 7 декември во 11 часот по локално време и заробиле 11 селани.
Меѓу другото, очевидецот, истакнувајќи дека 11-те заробени мажи се запалени со врзани раце зад грб, нагласи дека лицата не се членови на Силите за народна одбрана (PDF), вооружена група против воениот удар.
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 902 цивили го загубија животот, а илјадници беа приведени.
Во меѓувреме, според Организацијата за помош на политички затвореници (AAPP), од пучот во земјата животот го загубиле 1.200 луѓе, а приведени се околу 10 илјади.
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.