Anees Suheil Barghouti
03 Април 2018•Ажурирај: 04 Април 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го суспендираше Договорот за депортација на африканските мигранти, кој израелската Влада неодамна го постигна со Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), јавува Anadolu Agency (AA).
Вчера израелската Влада потпиша Договор со УНХЦР, според кој, Израел требаше да се откаже од контроверзниот план за депортација на африканските мигранти и баратели на азил во трети африкански земји.
Нетанјаху денес соопшти дека одржал состанок со министерот за внатрешни работи на Израел, Арје Дери, и со претставниците на жителите на јужниот дел на Тел Авив.
„Откако ги разгледавме предностите и недостатоците, одлучив да го поништам Договорот со УНХЦР“, изјави Нетанјаху.
Станува збор за Договор кој предвидуваше Израел во западните земји да испрати 16.250 африкански мигранти и баратели на азил, а преостанатите африкански мигранти да добијат привремен престој во Израел за период од минимум пет години.
Според податоците на УНХЦР, во Израел моментално се наоѓаат околу 40.000 африкански мигранти и баратели на азил, од кои 27.500 се мигранти од Еритреја и 7.800 се Суданци.
Поголемиот дел од тие мигранти во Израел пристигнаа по маршрутата преку Египет во периодот од 2006 до 2013 година. Мигрантскиот бран е запрен со поставување жичена ограда на границата меѓу Израел и египетскиот Синај.
Мигрантите главно ја населуваат јужната периферија на Тел Авив, а израелскиот премиер Нетанјаху минатото лето најави депортација на „инфилтраторите“ од Африка, што наиде на критики во Меѓународната заедница, која таа мерка и изјавата ги смета за дискриминирачки.
Според најавите, мигрантите би требало да бидат депортирани во трети африкански земји, најмногу од нив во кризните региони на Руанда и Уганда.
Израелските власти во изминатите шест години депортираа околу 20.000 африкански мигранти и баратели на азил, кои илегално влегле во оваа земја.