Admir Fazlagikj
21 Јануари 2016•Ажурирај: 22 Јануари 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА)- Асистентот на Високиот комесар за заштита при УНХЦР, Волкер Турк заедно со членовите на делегацијата на УНХЦР Македонија, предводена од претставникот на УНХЦР во Маедонија, Мохамед Ариф, го посети прифатниот транзитен центар за бегалци "Винојуг" во Гевгелија, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата на УНХЦР, претставниците на Црвениот Крст, ЦУК и невладините организации кои учествуваат во справувањето со бегалската криза го запознаа асистентот на Високиот комесар за заштита при УНХЦР со фактичката состојба во прифатниот центар за бегалци, каде сите оние бегалци кои ја поминуваат македонската јужна граница се сместуваат привремено додека не отпатуваат кон северниот граничен премин Табановце.
"Причината поради која сум тука е официјално да видам што се случува на граница, исто така да ја искористам можноста да разговарам со бегалците кои ја минуваат границата, во овие зимски услови. Изненаден сум што гледам голем број на семејства, деца, имав можност да разговарам со нив, да видиме која е вистинската причина зошто ги напуштаат нивните земја", изјави Турк.
Тој истакна дека состојбата која ја увидел во прифатниот центар во Гевгелија е добра, како и дека бегалците ја имаат потребната хуманитарна и медицинска помош која им ја обезбедуваат организациите кои постојано активно работат во справувањето со бегалската криза.
"Според она што го видовме, сметам дека ова е многу добар систем. Благодарен на Република Македонија за се она што го прави, да не заборавиме дека во текот на минатата година,границата ја поминале повеќе од 700 илјади луѓе,а сетто тоа требаше да се менаџира", рече Турк, заблагодарувајќи и се на Република Македонија и нејзините граѓани волонтери, како и на сите граѓани кои се солидализираа со бегалците и им укажаа помош.
Меѓу останатото, помошникот на Високиот комесар за заштита при УНХЦР рече дека сегашната реалност е дека границите се отворени и бегалците можат да патуваат, но дека е потребна колективна одговорност на сите земји кои се погодени од кризата со цел квалитетно соочување со истата.
"Потребна е колективна одговорност на сите земји, не може работата да биде завршена само од една земја", потенцираше Турк, кажувајќи дека е потребна и одговорност од страна на европските земји во однос на справување со бегалската криза.
По вчерашниот застој на протокот на бегалци денеска македонската јужна граница е отворена, бегалците непречено поминуваат на македонска територија, а при процесот на регистрирање потебно е да ја наведат земјата на ЕУ како крајна дестинација во која одат.