Ahmed Asmar
26 Јуни 2024•Ажурирај: 27 Јуни 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку десет Палестинци се убиени, а десетици се ранети во израелските бомбардирања на неколку области низ Појасот Газа, соопштија медицински извори денес, пренесува Анадолу.
„Израелското артилериско гранатирање целеше на неколку области во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, при што се убиени најмалку десетмина“, велат изворите.
Во саудискиот кварт во Западен Рафа се уништени неколку куќи.
Израелските сили, според очевидци, гранатирале и неколку цели источно од бегалскиот камп Буреиџ и Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Тие додадоа дека биле пријавени смртни случаи во израелските воздушни напади врз две куќи во Ал-Туфах и Ал-Дарај, источно од градот Газа.
Израелските сили извршија ограничен упад источно од градот Кузаа во Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, јави новинарот на Анадолу.
Повеќе од 37.718 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година, главно жени и деца, а над 86.000 се ранети, соопштија локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна одлука им се нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.