Mesut Zeyrek
22 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
КЕЛН (АА) - Џамијата „Ејуп Султан“ во Стразбур, чиј камен-темелник е положен во октомври оваа година, ќе биде завршена во рок од три години и ќе биде најголема џамија во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на исламската заедница „Milli Gorus“ (IGMG), Кемал Ергун, на прес-конференцијата во германскиот град Келн зборуваше за овој проект.
„Камен-темелникот е положен во октомври оваа година, а нејзината изградба ќе биде завршена во рок од три години. Тоа ќе биде најголема џамија во Европа, вклучувајќи го Балканот. Џамијата ќе биде изградена во стилот на османлиската архитектура. Само молитвениот простор на џамијата ќе има капацитет од 3.500 лица, додека во комплексот на џамијата намазот истовремено ќе може да го извршуваат 5.000 лица“, изјави Ергун.
Ергун нагласи дека станува збор за проект кој не е само џамија, туку исламски културен и образовен центар, кој ќе содржи ресторани, културни центри, градинки, училишта и институти.
„Една од целите на овој исламски центар ќе биде претставувањето на исламот во вистинскиот свет, односно борбата против различните дискриминации и предрадуси кон исламот“, изјави Ергун.
Тој додаде дека комплексот ќе се простира на 14,5 илјади метри квадратни, и дека џамијата се гради на локација која е неколку километри оддалечена од Европскиот парламент.
„Во оваа пригода сакаме да се заблагодариме на управата на градот, но и на претставниците на другите верски заедници поради поддршката и толеранцијата која ја покажаа, исто така се заблагодаруваме и на жителите на Стразбур. Сметаме дека оваа градба ќе го збогати градот.“, изјави Ергун и додаде дека планот е во текот на 2019 година да бидат завршени дел од работите на џамијата.