Burak Bir
24 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
АНКАРА
Европската Унија (ЕУ), Северноатлантскиот сојуз (НАТО) и Соединетите Американски Држави (САД) упатија остри критики до властите на Белорусија поради пренасочувањето на патничкиот авион на компанијата „Рајанер“ кон Минск заради приведување на белоруски активист, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Многу сме загрижени поради извештајот за принудното слетување на летот на Рајанер во Минск. Ги повикуваме белоруските власти веднаш да овозможат патниците да го продолжат летот“, порача претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Твитер.
Тој нагласи дека истрагата на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) ќе биде од клучна важност.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го оцени инцидентот како незаконско однесување и најави дека одговорните ќе ги сносат последиците.
„Одговорните мора да бидат санкционирани. Новинарот Роман Протасевич мора да биде итно пуштен“, порача Фон дер Лејен.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека внимателно го следи случајот со принудното приземјување и притворање на опозицискиот активист Роман Протасевич.
„Ова е сериозен и опасен инцидент што бара меѓународна истрага. Белорусија мора да обезбеди сигурно враќање на посадата и на сите патници“, напиша Столтенберг на Твитер.
И американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денес најостро го осуди принудното пренасочување на летот на авионот од Рајанер, што летал на релација од Грција во Литванија.
„САД најостро го осудија принудното пренасочување на летот меѓу двете држави членки на ЕУ и дополнителното апсење на новинарот Роман Пратасевич во Минск“, изјави Блинкен.
Белоруски борбен авион „МИГ-29“ го пресретнал патничкиот авион „Боинг 737-8AS“ на компанијата „Рајанер“, што поминувал низ белорускиот воздушен простор додека се движел од Атина во Вилниус.
Патничкиот авион бил принуден да слета во Минск поради закана со бомба. Според последните извештаи, на аеродромот наводно е приведен новинарот Роман Протасевич, кој белоруските власти го товарат за вмешаност во наводни терористички активности.
Авионот на „Рајанер“ по седум часа доцнење пристигна во литвански Вилниус.
Протасевич е основач на информативниот канал на социјалните мрежи NEXTA, што минатото лето играше главна улога во протестите во белорускиот главен град Минск, барајќи оставка од претседателот Александар Лукашенко.