Admir Fazlagic
28 Март 2017•Ажурирај: 29 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска на Телеком Арената во Скопје, фудбалската репрезентација на Македонија одигра пријателски меч со репрезентацијата на Белорусија, остварувајќи убедлива победа, при што конечниот резултат изнесуваше 3:0 за домашната репрезентација, јавува Anadolu Agency (AA).
Подобрата игра во првиот дел македонските репрезентативци ја валоризираа со голот на Стефан Спировски, прв за него во националниот дрес. Спировски во 40. минута со шут од околу дваесеттина метри ја затресе мрежата на Белорусите поставувајќи ги почетните 1:0 за репрезентацијата на Македонија.
Со овој резултат заврши првото полувреме, а во второто полувреме македонските репрезентативци продолжија да созадаваат шанси и да играат офанзивно. Во 61. минута од натпреварот Тричковски прецизно го проигра капитенот Горан Пандев кој ја искористи шансата и постигна погодок, зголемувајќи го водството на 2:0 за Македонија.
Само осум минути по првиот постигнат гол, македонскиот капитен, Горан Пандев, во 69. минута повторно постигна гол, откако најпрво сам ја започна акција до Алиоски, кој одигра повратно за ефектен гол со глава.
Репрезентацијата на Македонија до крајот рутински ја зачува победата, а остана забележано влегувањето во игра на младиот Дарко Чурлинов, кој со 16 години, 8 месеци и 17 дена стана најмладиот сениорски репрезентативец во историјата.
Инаку, Македонија против Белорусија досега има одиграно два натпревара во квалификациите за Европското првенство 2016. Во Скопје, во март 2015, Македонија загуби со 1-2, а во реваншот во октомври 2015-та во Борисов немаше победник, 0-0.