Ekipa
29 Декември 2016•Ажурирај: 30 Декември 2016
ПЕКИНГ (АА) - Кинеската полиција застрела тројца напаѓачи за кои властите велат дека убиле две лица во напад врз владина зграда во проблематичниот северозападен регион Синкјанг, јавува Anadolu Agency (AA).
Државната новинска агенција Синхуа денес го објави соопштението на Министерството за јавна безбедност во коешто се вели дека тројцата бунтовници со возило влегле во комплексот на Комитетот на Комунистичката партија на Кина вчера попладне, во Мојуи.
Осомничените, како што се наведува, ги нападнале вработените со ножеви и активирале експлозивна направа, при што загинало едно службено лице и еден припадник на обезбедувањето, а тројца други се повредени.
Министерството соопшти дека напаѓачите биле застрелани, а властите го истражуваат случајот.
Државните медиуми претходно соопштија дека според информации од регионалната влада, едно лице загинало во нападот, а полицијата застрелала четворица напаѓачи. Исто така, тројца други се повредени.
Не се објавени други детали, но регионалната влада соопшти дека состојбата во Мојуи, познат како Каракаш, е стабилна.
Автономниот регион Синкјанг е дом на голем број етнички групи, вклучувајќи ги Ујгурите, кои сочинуваат 45 отсто од населението.
Долг период муслиманската малцинска група ја обвинува владата дека им ги ускратува нивните културни и религиски права.