Murat Ünlü
10 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Над половина од Французите не го поддржуваат можното прогласување независност на Каталонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според анкетата направена од страна на компанијата за истражување „Odaxa“, 52 отсто од Французите одговориле негативно на прашањето: „Дали ја поддржувате независноста на Каталонија?“
Стапката на поддржувачите на партијата на власт, La République En Marche! (Република, напред!), кои се против независноста, е 58 проценти.
Само 19 отсто од учесниците на анкетата одговориле позитивно на прашањето дали ќе дадат поддршка за референдум за независност, во случај тоа да се случи во некоја област во Франција.
Исто така, 80 отсто од испитаниците изразија непријатност поради реакцијата на шпанската Влада против референдумот за независност, кој се одржа на 1 октомври во Каталонија.
Шпанските безбедносни сили во некои места во Каталонија ги отстранија изборните кутии, и применија остри мерки против Каталнците кои покажаа отпор.
Француската министерка задолжена за европски прашања, Натали Лоизо, претходно соопшти дека во случај Каталонија да прогласи еднострана независност, нема да го прифатат тоа.
Исто така, францускиот претседател Емануел Макрон по референдумот на 1 октомври телефонски разговараше со шпанскиот премиер Маријано Рахој. Макрон истакна дека го поддржуваат уставното единство на Шпанија.
Во француската област Источни Пиринеи, позната како Северна Каталонија, живеат околу 470 илјади жители кои имаат блиски врски со жителите на Каталонија.
Претседателот на владата на автономната каталонска управа, Карлес Пучдемон, се очекува денес да ги поднесе до парламентот резултатите од референдумот за независност.