Fahri Aksüt
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Нелегитимните милитантни сили лојални на Калифа Хафтар повторно го прекршија договорот за прекин на огнот и со повеќе ракети ги гаѓаа либиските трупи во градот Сирт, изјави денес портпаролот на либиската Влада на национално единство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, Мухамед Кануну истакна дека иако либиската Армија се придржува до примирјето, милитантите на Хафтар го прекршиле четврти пат по ред, откако стапи на сила минатиот месец.
Досега не се објавени информации за жртви.
„Нашите сили се во потполна мобилизација“, изјави Кануну, нагласувајќи дека Армијата чека наредба од либискиот премиер, Фајез ал Сараџ, да одговори на нападите во соодветен момент.
Владата на национално единство на 21 август објави прекин на огнот и ѝ нареди на Војската да ги запре операциите против милитантите на Хафтар.
Сепак, на 27 август, либиската Армија објави дека прекинот на огнот за прв пат е нарушен од силите лојални на Хафтар, кои испалиле десетици ракети кон позициите на Армијата западно од Сирт.
Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на лидерот Моамер Гадафи во 2011 година. Новата Влада на земјата е формирана во 2015 година во рамки на договорот склучен со посредство на ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на водачот на силите од источна Либија, Калифа Хафтар, поддржан од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Легитимната Влада на Либија од минатиот април е под напади на силите на Хафтар, во кои загинаа над 1.000 лица. ОН ја признаваат либиската Влада предводена од Фајез ал Сараџ како легитимна власт во земјата.
Либиската Влада ја започна операцијата „Бура на мирот“ против Хафтар за да се спротивстави на нападите врз главниот град Триполи, ослободувајќи стратешки локации, меѓу кои се воздухопловната база „Ал Ватија“ и градот Тархуна.
Хафтар има поддршка од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет и Русија, додека Владата признаена од ОН е поддржана од страна на Турција.