Ekipa
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во Индија денес се потврдени 1.133 починати како последица на новиот тип коронавирус во последните 24 часа, што е најмногу од почетокот на пандемијата во еден ден, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија исто така извести за 75.809 нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број се зголеми на речиси 4,3 милиони. Со тоа е продолжен трендот на растот од бројот на заразени со Ковид-19, откако се ублажени рестриктивните мерки поради намалување на последиците врз економијата. Вкупниот број починати од последиците на вирусот во Индија сега изнесува 72.775, додадоа од Министерството.
Индија има најголем број случаи на Ковид-19 на дневно ниво во светот веќе подолго од еден месец, па стана и втора најпогодена земја, по САД.
Зголемувањето на случаите делумно се должи на зголемениот број на тестирања. Бројот на дневни тестирања спроведени во целата земја се искачи на повеќе од милион. Досега од Ковид-19 оздравеа речиси 3,3 милиони луѓе, потврдија од Министерството за здравство на Индија.