İnci Gündağ
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, се осврна на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, во врска со нередите во сојузната држава Вирџинија, и порача дека е многу важно одговорна личност да ги осуди екстремно десничарските ставови во оној момент кога ќе ги слушне, јавува Anadolu Agency (AA).
Меј престојуваше во посета на британскиот град Портсмут, а во таа пригода се осврна на изјавите на Трамп во врска со расистичките нереди во неговата земја.
Премиерката на Велика Британија истакна дека е мошне важно да се осудат есктремно десничарските ставови.
„Не можам да ги сметам за исти оние што ги изнесуваат фашистичките ставови и оние што на нив се спротивставуваат. Поради тоа, многу е важно одговорните лица да ги осудат таквите ставови во моментот кога ќе ги слушнат“, изјави Меј и додаде:
„По сцените што имавме можност да ги видиме за време на викендот во Шарлотсвил, како што и претходно изјавив, навистина сум згрозена од расизмот, омразата и насилството што ги искажуваат тие групи. Велика Британија презеде одредени мерки кога е во прашање овој проблем, и одредени екстремистички групи се забранети“.
По нередите во Шарлотсвил, во сојузната американска држава Вирџинија, во кои едно лице загина и повеќемина беа повредени, Трамп се двоумеше да ги осуди екстремистичките групи, што предизвика голем број негодувања и критики во американската јавност.