свет

Американски сенаторки предложија закон за да се спречи преземање на Гренланд од страна на Трамп

Легислативата насловена Закон за заштита на единството на НАТО, е предложена од демократската сенаторка Џин Шахин и републиканската сенаторка Лиза Мурковски.

Rabia İclal Turan  | 14.01.2026 - Обновена : 14.01.2026
Американски сенаторки предложија закон за да се спречи преземање на Гренланд од страна на Трамп

ВАШИНГТОН (АА) – Две американски сенаторки од различни политички партии денес предложија закон со кој би се спречила можноста Соединетите Американски Држави (САД) да окупираат или да преземат територија на сојузници од НАТО, по повторените изјави на претседателот Доналд Трамп за преземање на Гренланд од безбедносни причини, јавува Анадолу.

Легислативата насловена Закон за заштита на единството на НАТО, е предложена од демократската сенаторка Џин Шахин и републиканската сенаторка Лиза Мурковски.

Со предлог-законот се забранува користење средства од Пентагон или Стејт департментот за блокада, окупација, анексија, изведување воени операции или какво било воспоставување контрола врз суверена територија на земја членка на НАТО без нејзина согласност.

„Секоја сугестија дека САД би можеле да ја искористат својата моќ за да преземат или контролираат територија на сојузник од НАТО директно го поткопува сојузот што ги штити Американците и оди во прилог на нашите противници“, изјави Шахин.

Таа додаде дека „овој закон праќа јасна порака дека неодамнешната реторика околу Гренланд сериозно ги поткопува сопствените национални безбедносни интереси на Америка и се соочува со противење од двете партии во Конгресот“.

Сенаторката Мурковски, пак, истакна дека „помислата дека Америка би ги користела своите огромни ресурси против сопствените сојузници е длабоко загрижувачка и мора целосно да биде отфрлена од Конгресот преку закон“.

Претседателот Трамп во неделата изјави дека САД мора да го „преземат“ Гренланд за да спречат евентуално преземање на островот од страна на Русија или Кина. Тој претходно го опиша сопствеништвото над Гренланд како „апсолутна неопходност“ за економската безбедност на САД, споредувајќи го со „голем договор за недвижности“.

Гренланд, самоуправна територија во рамките на Кралството Данска, долго време е во фокусот на американскиот интерес поради стратегиската локација и богатите минерални ресурси.

Данска и властите во Гренланд во повеќе наврати ги отфрлија предлозите за продажба на територијата, повторно потврдувајќи го данскиот суверенитет над островот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın