Ekipa
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
МЕЛБУРН (АА) - Истражувачкиот центар „The Economist Intelligence Unit (EIU)“ објави извештај за анализата на животот на луѓето во 140 градови во светот, во кој се наведува австралискиот град Мелбурн како најдобар во таа категорија, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето се однесуваше на вкупно 30 параметри и индекси што го одредуваат квалитетот на животот на луѓето во градовите, вклучувајќи стабилност, сигурност, инфраструктура, здравство, култура и образование.
Мелбурн, градот кој е прогласен за најдобар за живот на луѓето, доби оцена 97,5 од вкупно 100, а максимална оцена доби за областите здравство, инфраструктура и образование.

Австралискиот град веќе седма година по ред го добива престижното признание на EIU, а веднаш зад Мелбурн на листата на најдобри градови за живот во светот се австрискиот град Виена (97,4), канадскиот Ванкувер (97,3), канадскиот Торонто (97,2) и австралискиот Аделаид (96,6). Распоредот на првите пет беше идентичен и во минатогодишниот извештај.
Следуваат канадскиот град Каљари, австралискиот Перт, новозеландскиот Оукленд, финскиот Хелсинки и германскиот Хамбург.
Градоначалникот на Мелбурн, Роберт Дојл, изрази задоволство од тоа што се препознаени напорите и резултатите на градските власти, и изјави оти се надева дека дополнително ќе придонесе за туристичката популаризација на Мелбурн.

Мелбурн е вториот најголем австралиски град, а според податоците на тамошниот Завод за статистика, Мелбурн по 2050 година ќе го надмине Сиднеј според бројот на жителите.
Познат по одржувањето на тенискиот ATП турнир „Australia Open“ и трката „Формула 1“ за Голема награда на Австралија, Мелбурн е град во кој живеат речиси 200 национални групи и се зборуваат 240 различни јазици.