САД со предупредување до Американците: „Напуштете го Иран веднаш“
„Ако не можете да заминете, пронајдете безбедна локација во вашиот дом или друга безбедна зграда“
ВАШИНГТОН (АА) - Виртуелната амбасада на Соединетите Американски Држави (САД) во Иран ги предупреди американските граѓани да ја напуштат земјата без одложување, бидејќи немирите на национално ниво продолжуваат да ескалираат, јавува Анадолу.
„Напуштете го Иран веднаш“, соопшти Амбасадата во безбедносно предупредување, повикувајќи ги своите државјани да планираат заминување од Иран без помош од американската Влада.
„Ако не можете да заминете, пронајдете безбедна локација во вашиот дом или друга безбедна зграда“, се додава.
Во советите, американските граѓани во Иран се предупредуваат да очекуваат континуирани прекини на интернетот, да планираат алтернативни средства за комуникација и, „доколку е безбедно, да размислат за заминување од Иран по копнен пат кон Ерменија или Турција“.
Лицата со двојно, американско-иранско државјанство мора да го напуштат Иран со ирански пасоши, се вели во соопштението, додавајќи дека иранската Влада не признава двојно државјанство и ќе ги третира државјаните на САД исклучиво како ирански државјани.
„Покажувањето американски пасош или демонстрирањето врски со Соединетите Американски Држави може да биде доволна причина иранските власти да приведат некого“, се вели во соопштението.
- Администрацијата на Трамп разгледува воени и тајни опции за Иран -
Вчера, американскиот претседател Доналд Трамп објави царина од 25 % за „сите“ земји што работат со Иран, во услови на владиното сузбивање на растечките антивладини демонстрации.
Иако Трамп постојано се закануваше дека ќе го нападне Иран доколку властите таму употребат смртоносна сила за да ги потиснат протестите, тој исто така изрази подготвеност да ја истражи можноста за дипломатија со Техеран.
Трамп вчера бил информиран за неколку опции за дејствување против Иран, покрај конвенционалните воени воздушни напади.
„Си-би-ес њуз“ објави дека широкиот спектар воени и тајни алатки би можел да вклучува опции за кибероперации и психолошки кампањи за нарушување на иранските командни структури, комуникации и државните медиуми.
Цитирајќи двајца претставници на Пентагон, медиумот истакна дека кибер и психолошките операции би можеле да се распоредат одделно или истовремено, иако конечна одлука сè уште не е донесена.
Исто така, објави дека се очекува тимот за национална безбедност на Трамп да разговара за нови опции за Иран во Белата куќа денес.
Трамп во неделата изјави дека неговата администрација внимателно ја следи ситуацијата во Иран и разгледува „многу силни опции“ бидејќи бројот на жртви во тековните протести продолжува да расте. „Ќе донесеме одлука“, рече Трамп, додавајќи дека добивал извештаи за Иран на секој час, без да даде информации за тоа кога, каде или како ќе дејствуваат САД.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
