свет

Меркел: „Убиствата на неонацистите на НСУ - темна дамка во германската историја“

„Како е возможно да се случат толку ужасни и компликувани дела, без да бидат навремено детектирани од страна на релевантните надлежни, и како е возможно да не можат да се решат толку долго време?“

Ayhan Şimşek  | 20.07.2018 - Обновена : 21.07.2018
Меркел: „Убиствата на неонацистите на НСУ - темна дамка во германската историја“

Berlin

БЕРЛИН (АА) - Убиствата извршени од страна на неонацистичката НСУ претставуваат многу темна дамка во историјата на Германија, истакна денес германската канцеларка Ангела Меркел и вети дека ќе се продолжи со напорите за откривање на фактите за овие убиства, јавува Anadolu Agency (AA).

Меркел го истакна ова на годишната прес-конференција, во период на големи критики од семејствата на жртвите.

„Како е возможно да се случат толку ужасни и компликувани дела, без да бидат навремено детектирани од страна на релевантните надлежни, и како е возможно да не можат да се решат толку долго време?“, праша Меркел.

„Без сомневање, ова претставува огромна дамка во историјата на Германија. Ова поглавје не може едноставно да се затвори“, додаде таа.

Неонацистичката НСУ (Националсоцијалистичко подземје) уби 8 турски имигранти, еден грчки државјанин и германски полициски службеник во периодот меѓу 2000 и 2007 година, но убиствата долго време стоеја нерешени.

По петгодишно судење, Судот во Минхен минатата недела пресуди доживотен затвор за главната осомничена Беате Чепе и даде полесни казни на уште четворица неонацисти, но семејствата на жртвите изразија разочарување од пресудата и рекоа дека судењето остава неодговорени многу клучни прашања.

Семејствата упатија критики и до канцеларката Меркел што не го реализирала своето ветување дадено пред четири години за откривање на сите факти за убиствата на НСУ.

Германската јавност за прв пат се запозна со постоењето на НСУ и нејзината улога во убиствата во 2011 година, кога двајца нејзини членови загинаа при неуспешен обид за грабеж на банка, по што полицијата пронајде оружје и екстремно десничарска литература во нивниот дом.

Во текот на петгодишното судење, Беате Чепе, единствената преживеана членка на групата, одби да даде какви било информации за НСУ и се обиде вината да ја префрли на двајцата починати членови.

Сè до 2011 година, германската полиција и разузнавачките служби отфрлија какви било расистички мотиви за убиствата и ги третираа семејствата на имигрантите како осомничени за наводна поврзаност со мафијашки групи и шверцери на дрога.

Неодамнешните сознанија покажуваат дека германската Разузнавачка агенција имала неколку доушници кои имале контакт со НСУ, а претставниците тврдеа дека немале претходни информации за терористичките ќелии на НСУ.

Властите во централната германска покраина Хесе неодамна одлучија одредени документи да ги класифицираат како тајни во следните 120 години, предизвикувајќи шпекулации за можните врски на НСУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın