Балкан

Новиот командант на Штабот на НАТО во Сараево, Метју Валас, ја презеде должноста

„Остануваме посветени бидејќи обновените регионални безбедносни предизвици потсетуваат на потребата континуирано да ги зајакнуваме нашите партнерства, капацитети и способности“

Bedrudin Brljavac  | 10.05.2024 - Обновена : 12.05.2024
Новиот командант на Штабот на НАТО во Сараево, Метју Валас, ја презеде должноста Фото: Samir Jordamović/AA

САРАЕВО (АА) - Во Домот на Вооружените сили на Босна и Херцеговина (БиХ) во Сараево, се одржа свечена церемонија за примопредавање на командните должности на Штабот на НАТО во Сараево меѓу бригадната генералка Памела Мекгах (САД) и бригадниот генерал Метју А. Валас (САД), јавува Анадолу.

На церемонијата присуствуваа голем број домашни и странски воени и политички претставници, меѓу кои и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, и високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Бригадната генералка Мекгах, која заминува од должноста, изјави дека НАТО-сојузот се заснова на идеја дека може да се постигне многу повеќе кога земјите се обединети, отколку кога настапуваат самостојно.

„Денес е можност да се навратиме на напредокот што го постигнавме заедно, НАТО, Босна и Херцеговина и меѓународната заедница во изминатите две и пол години. Заедно, ги продлабочивме врските меѓу Босна и Херцеговина и земјите од НАТО со зајакнат пакет на поддршка за градење на способностите и отпорноста на клучните босанскохерцеговски институции. Презедовме конкретни чекори на убрзување на уништувањето на вишокот муниција и минско-експлозивни направи“, рече Мекгах.

Таа го изрази своето воодушевување и од припадниците на Вооружените сили на Босна и Херцеговина и од министерствата за одбрана и безбедност.

„Тие го претставуваат најдоброто од Босна и Херцеговина. Нивната посветеност, професионализам и единство се пример за тоа што може да се постигне кога фокусот е на градење попозитивна иднина“, рече Мекгах.

Како што рече таа, НАТО и неговите сојузници се истрајни во посветеноста на постојан мир и безбедност на сите граѓани во Босна и Херцеговина.

„Во изминатите две години, докажавме дека НАТО е подготвен да ги поткрепи своите зборови со дела: со зголемена поддршка и историска серија посети, од генералниот секретар до претседавачот на Воениот комитет и Северноатлантскиот совет“, изјави Мекгах.

Бригадниот генерал Валас, кој ја презеде должноста нов командант на Штабот на НАТО во Сараево, рече дека е подготвен да служи со тим од искусни експерти на својата нова должност во Босна и Херцеговина.

„Благодарен сум за можноста да се вратам во Босна и Херцеговина по повеќе од 23 години, по завршувањето на мисијата на Стабилизирачките сили 6. Подготвен сум да служам со овој тим посветени, искусни, мултинационални експерти, кои неуморно работат на зголемување на институционалните капацитети на одбраната и способностите на Вооружените сили на нашите партнери од БиХ за на крајот да ги подобриме животите на секој граѓанин на Босна и Херцеговина“, рече Валас.

Тој ја истакна важноста од зголемување на професионалната размена меѓу НАТО-алијансата и Босна и Херцеговина.

„Се радувам што ќе го искористам моето искуство за да им помогнам на Вооружените сили на Босна и Херцеговина да ги задржат високите стандарди на обука што ги покажуваат постојано и одново и да ја зголемам стручната експертиза меѓу сојузниците на НАТО и БиХ. Остануваме посветени бидејќи обновените регионални безбедносни предизвици потсетуваат на потребата континуирано да ги зајакнуваме нашите партнерства, капацитети и способности“, рече бригадниот генерал Валас.

Валас беше командант на воздухопловно-десантната специјална единица на Армијата на САД (20th Special Forces Group -Airborne или 20th SFG), една од двете групи на Националната гарда на САД, обучена, меѓу другото, за неконвенционално војување, директни дејствија, операции во странство, контрабунтовништво, специјално извидување, борба против тероризмот, информативни операции, контрапролиферација на оружје за масовно уништување, како и помош на безбедносните сили. Генералот Валас го стекна своето воено образование на Воениот колеџ на копнените сили на САД, односно на воените науки на Универзитетот Хофстра во Њујорк.

Тој дипломира на полето пешадија и артилерија, а завршил и голем број специјалистички едукации. Повеќе од две години бил распореден како заменик-командант за специјални операции на Арапскиот Полуостров во Бахреин. Исто така, 27 месеци служел како командант на 1-та Бригада во 20-тата Воздушно-десантна единица на американската војска, за поддршка на операцијата „Нова зора“ во Киркук во Ирак и како командант на истата единица за време на операцијата „Трајна слобода“ во Кандахар, Авганистан.

Покрај командните должности, тој извршувал и голем број други функции во американската Национална гарда и во Министерството за одбрана на САД.

Штабот на НАТО во Сараево има примарна мисија да ги советува и помага сите институции и власти на Босна и Херцеговина во реформите на одбранбениот и безбедносниот сектор и активностите на НАТО-партнерството за мир (ПзМ).

Секундарната мисија е да обезбеди логистичка и друга поддршка на силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.