Abdulbesar Ademi
11 Мај 2024•Ажурирај: 12 Мај 2024
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија ги објави конечните резултати од претседателските избори, според кои Гордана Силјановска-Давкова и официјално е претседателка на државата со освоени 561.000 гласови наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој освои 251.899 гласови, пренесува Анадолу.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, ја водеше седницата на Изборната комисија на која едногласно беше одобрен записникот за конечните резултати од гласањето. Даштевски истакна и дека на Силјановска-Давкова ѝ е врачено Уверението за избран претседател на државата во просториите на ДИК.
Првиот човек на ДИК соопшти дека нема приговори за постапката за сумирање на резултатите од претседателските избори, додека за парламентарните, кои исто така се одржаа на 8 мај, пристигнале девет приговори од Коалицијата ВЛЕН, осум од ВМРО- ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.
На претседателските избори на 8 мај, врз основа на записниците од избирачките совети и општинските изборни комисии, ДИК утврди дека вкупниот број на запишани избирачи изнесува 1.814.317, а гласале 861.218. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 953.121, на важечки ливчиња 812.899, на неважечки ливчиња 48.289, а процентот на избирачи кои гласале е 47,47 отсто.
По објавувањето на конечниот резултат за претседателските избори, ДИК треба да поднесе извештај до Собранието за закажување на седницата за инаугурација на новата претседателка, која според најавите ќе се одржи утре напладне.
Силјановска-Давкова треба да даде свечена изјава пред пратениците од стариот состав, по која започнува нејзиниот мандат. Мандатот на актуелниот претседател Пендаровски истекува утре.