Abdula Berisha
12 Мај 2024•Ажурирај: 13 Мај 2024
СКОПЈЕ (АА) – Северна Македонија денеска и официјално ја доби правата жена претседател, откако победничката на изборите одржани на 8 мај, Гордана Силјановска Давкова, положи свечената заклетва во Собранието, јавува Анадолу.
Во Собранието на Северна Македонија, покрај пратениците, на инаугуративната седница присуствуваа и највисоките претставници на судската и извршната власт, верските лидери, како и амбасадори на странски држави, меѓу кои и амбасадорот на Туркије во земјата, Фатих Улусој.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија,“ рече Силјановска Давкова, запоставувајќи го уставното име Северна Македонија.
Поради тоа, амбасадорката на Грција во Скопје, Софија Филипиду, ја напушти собраниската сала. Потсетуваме дека Северна Македонија и Грција во јуни 2018 година го потпишаа Преспанскиот договор според кој Македонија го промени името во Северна Македонија, додека Грција го отстрани ветото за членство на земјата во НАТО.
Во својот говор пред присутните, Силјановска Давкова истакна дека ќе биде претседател на сите, без да прави разлики по која било основа, додека дел од својот говор го посвети на жените, нагласувајќи дека ќе има за цел да ги инспирира жените во земјата и на Балканот, каде, според неа, сѐ уште е присутен патријархатот.
По говорот во Собранието на Северна Македонија, во претседателскиот Кабинет се одржа официјалното примопредавање, каде билатерална средба имаа досегашниот претседател Стево Пендаровски и новоизбраната претседателка.