Emre Aytekin
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
БУЕНОС АИРЕС (AA) - Поранешната претседателка на Аргентина, Кристина Фернандес, ќе биде изведена пред судот под обвинение дека ги прикрила тврдењата оти Иран е вмешан во бомбашкиот терористички напад врз зградата на Партнерското здружение Аргентина-Израел, во главниот град Буенос Аирес во 1994 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Федералниот судија Клаудио Бонадио истакна дека е поднесена тужба против поранешната претседателка Фернандес и 11 владини претставници под обвинение за злоупотреба на службената должност и прикривање тероризам.
Во изјавата на Информативниот центар на Меѓународниот суд за правда на Аргентина не е дадена информација за тоа кога ќе започне судската постапка.
Обвинетите четири официјални лица беа уапсени за време на истрагата. Судијата Бонадио апелираше до Парламентот, да постапи по барањето на обвинителството од декември, и да го укине имунитетот на Фернандес, која беше избрана за сенатор минатата година. Фернандес не може да биде уапсена поради имунитетот, но сепак нема никаква пречка за нејзиното судење.
За прв пат обвинителот Албер Нисман на 14 јануари 2015 година ги обвини Фернандес и членовите на нејзиниот кабинет за ослободување на иранските официјални лица од истрагата за наводно учество во терористички акт, како одговор на придобивките од увозот на нафта и одредени производи во надворешната трговска размена со Иран во 2013 година.
Обвинителот Нисман беше пронајден мртов во неговата куќа по четири дена. Иако беше наведено дека обвинителот извршил самоубиство, аргентинската полиција минатата година објави дека Нисман бил убиен.
Фернандес, која ја предводеше земјата од 2007 до 2015 година, ги отфрли тврдењата за прикривање, но од друга страна тврди дека судската постапка била отворена по наредба на конзервативниот претседател Маурисио Макри.
Бомбашкиот напад врз зградата на Партнерското здружение Аргентина-Израел во Буенос Аирес во 1994 година беше најкрвавиот терористички чин во Аргентина. Во нападот загинаа 85 лица, а стотици беа повредени.