Cüneyt Karadağ
26 Април 2024•Ажурирај: 28 Април 2024
БЕРЛИН (АА) - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека Германија и Република Туркије се согласуваат дека траен мир на Блискиот Исток ќе биде возможен преку решение за две држави, односно формирање на независни држави Палестина и Израел, јавува Анадолу.
Штајнмаер во изминатите три дена беше во официјална посета на Република Туркије, а на крајот од посетата разговараше и со турските новинари кои го придружуваа.
Истакнувајќи дека неговата земја и Туркије имаат различни перспективи за конфликтите на Блискиот Исток, Штајнмаер рече дека Берлин се согласува со Анкара дека траен мир на Блискиот Исток ќе биде возможен со решение за две држави.
„Разговорите во Туркије беа конструктивни. Секоја минута од мојата посета беше драгоцена“, рече Штајнмаер.
Укажувајќи на значењето на неговата посета на Анкара за односите меѓу Германија и Туркије, Штајнмаер рече дека му било важно да ја посети Туркије, која ја слави стогодишнината од основањето на Републиката, како и стогодишнината од германско-турските дипломатски односи.
„Германија и Туркије се сојузници во организацијата Г20, како и во НАТО. Ние сме незаменливи еден на друг, си требаме“, изјави Штајнмаер.
Наведувајќи дека присуствувал на церемонијата во Газиантеп на 23 април, а потоа го посетил контејнерскиот град поставен за жртвите од минатогодишниот земјотрес во областа Нурдаги, Штајнмаер рече дека е импресиониран од разговорите таму.
„За мене беше значајно да го посетам тој регион една година по разорниот земјотрес. Беше задоволство да се види како на преживеаните брзо им беше обезбедено сместување и како на децата брзо им се овозможи да го продолжат своето образование“, рече Штајнмаер.
Нагласувајќи дека напорите за обнова во регионот погоден од земјотресот се восхитувачки, Штајнмаер рече дека Германија ќе продолжи да ги поддржува тие луѓе.
Тој ја оцени неговата посета на седиштето на германската логистичка компанија ДХЛ на аеродромот во Истанбул како важна и рече дека за тоа разговарал и на средбата со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.
Го опиша тој ДХЛ-центар како модел во секторот за брз авионски превоз.
Штајнмаер го изрази и своето задоволство што првата Канцеларија за дигитална трансформација, која е формирана во рамките на центарот за истражување и развој, се наоѓа во Истанбул.
На прашањето за придобивките од визниот режим за турските граѓани или кога воопшто ќе се постигне напредок во визните процедури, Штајнмаер одговори дека бројот на вработени во Генералниот конзулат во Туркије е зголемен и дека се прават напори да се скрати времето на обработка и побрзо да се закажуваат состаноци.
Штајнмаер рече дека очекува турскиот претседател Ердоган да ја посети Германија за време на претстојното Европско фудбалско првенство (ЕВРО 2024), на кое ќе настапи и турската репрезентација.