свет

Марк Цукерберг формира елитен тим за вештачка интелигенција во трка за „суперинтелигенција“

- Извршниот директор на Мета, Цукерберг, го приоритизира регрутирањето на таен тим за „суперинтелигенција“, со кој Мета има цел да ги надмине технолошките соперници.

Asiye Latife Yılmaz  | 11.06.2025 - Обновена : 12.06.2025
Марк Цукерберг формира елитен тим за вештачка интелигенција во трка за „суперинтелигенција“

Istanbul

ИСТАНБУЛ (АА) – Извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, формира врвен тим од експерти за вештачка интелигенција со цел развој на т.н. „суперинтелигенција“ – напреден тип вештачка интелигенција што ги надминува човечките способности, јавува Анадолу.

Според извештајот на Блумберг објавен вчера, Цукерберг, незадоволен од досегашниот напредок на Мета во областа на вештачката интелигенција, започнал интензивна и дискретна регрутација на водечки истражувачи во оваа област.

Тој веќе поканил некои од нив во своите домови во Лејк Тахо и Пало Алто, како дел од пошироките напори за развој на општа вештачка интелигенција (AGI) – концепт според кој машините може да извршуваат задачи со човечки нивоа на интелигенција во различни области.

Според извештајот, Цукерберг го приоритизира регрутирањето на таен тим за „суперинтелигенција“, со кој Мета има цел да ги надмине технолошките соперници.

Цукерберг лично ќе ангажира околу 50 експерти за тимот, вклучително и директор за истражување на вештачката интелигенција, а веќе направил реорганизација на просториите во седиштето на Мета во Менло Парк за новиот тим да му биде во близина.

Исто така, тој го формира новиот тим додека планира инвестиција од повеќе милијарди долари во Скејл еј-ај (Scale AI), компанија специјализирана за услуги за податоци и приспособени апликации за вештачка интелигенција.

Се очекува основачот на Скејл еј-ај, Александр Ванг, да се вклучи во новоформираниот тим по завршувањето на договорот, што ќе биде најголема надворешна инвестиција на Мета досега.

Неодамна Мета претстави и самостојна апликација за вештачка интелигенција базирана врз нејзиниот модел Лама 4, промовирајќи ја како поевтина алтернатива на конкуренцијата, како ЏетЏПТ, ДипСик и Џемини и покрај почетните предизвици.

Иако Мета има интегрирано алатки за вештачка интелигенција на Фејсбук, Ватсап, очилата реј-бан и чет-ботовите, таа продолжува да заостанува зад ЧетЏПТ на ОпенАИ во конкурентскиот пејзаж на вештачката интелигенција.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın