Övünç Kutlu
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
ЊУЈОРК (АА) - Компанијата Фејсбук (Facebook) вчера оствари најголем раст во вредноста на акциите на берзата во Њујорк во изминатите две години, јавува Anadolu Agency (AA).
Соосновачот на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Закерберг, вчера даде исказ пред американскиот Сенат, а истовремено, вредноста на акциите на компанијата се зголеми за рекордни 4,5 отсто.
Тоа е најголем дневен скок на вредноста на акциите на Фејсбук уште од 28 април 2016 година, кога беше остварен раст во вредност од 7,2 отсто.
Акциите на Фејсбук достигнаа најголема вредност од 195,32 долари на 1 февруари оваа година, а потоа таа започна да опаѓа поради скандалот со протекувањето на податоци кои ги предизвика компанијата „Кембриџ Аналитика“ (Cambridge Analytica).
Од почетокот на февруари, досега, Фејсбук забележа пад на вредноста на акциите од вкупно 18,6 отсто. Така пазарната вредност на компанијата од 558 милијарди падна на 454 милијарди долари.
Јавното извинување на компанијата и нејзиниот сопственик Закерберг поради загрозувањето на приватните податоци на 87 милиони корисници на социјалната мрежа, вроди со плод и вредноста на компанијата од почетокот на оваа недела повторно бележи значаен раст.