Ekipa
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
САО ПАОЛО (АА) - Во еден затвор во бразилската сојузна држава Пара, со помош на вооружени лица однадвор, дошло до обид за групно бегство. При обидот настанал судир со безбедносните сили, во кој животот го загубило 21 лице, јавува Anadolu Agency (AA).
Секретарот за Јавна безбедност и социјална заштита на бразилската сојузна држава Пара (SEGUP), изјави дека една група со тешко вооружување сакала да овозможи групно бегство на затворениците од затворот „Санта Изабел“, поставувајќи експлозив на ѕидот од затворот.
Претставници на затворот соопштија дека кај дел од затворениците е пронајдено оружје, додавајќи дека дошло до судир меѓу стражарите на затворот, полицијата, затворениците и вооружената група.
Во судирот животот го загубило 21 лице, од кои 1 стражар.
Ранетите петмина стражари се префрлени во локалните болници. Се дознава дека еден од стражарите се наоѓа во тешка здравствена состојба.
Локалните медиуми тврдат дека бројот на загинати е многу поголем од она што е објавено.
Во затворот „Санта Изабел“ се сместени 3.400 затвореници.
Јавната безбедност и социјалната заштита (SEGUP) соопшти дека за спроведување на безбедноста на затворот, во регионот се испратени претставници на Специјалните единици.