Fatjon Cuka
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, престојува во официјална посета на Албанија, а за време на прес-конференцијата со неговиот албански колега Илир Мета, истакна дека двете држави остваруваат интензивна соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Албанскиот претседател Мета го пречека претседателот Пендаровски со официјална церемонија во Палатата на бригадите во Тирана, а по состанокот, на заедничка прес-конференција, двајцата колеги се фокусираа на односите меѓу двете земји и на европската перспектива на Албанија и Северна Македонија.
- Пендаровски: „Северна Македонија и Албанија остваруваат интензивна соработка“ -
Пендаровски на заедничката прес-конференција истакна дека односите меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија постојано бележат позитивен тренд на развој.
„Северна Македонија и Албанија остваруваат плодна и интензивна соработка што претставува потврда за одличните односи меѓу двете држави. Нас нѐ поврзуваат многу работи, заедничката историја, заедничката географија, заедничката евроатлантска иднина, како и заедничките предизвици во делот на општествените реформи и трансформации. Република Северна Македонија како еден од највисоките приоритети го има градењето односи на добрососедство“, рече Пендаровски.
Тој изјави дека со албанскиот претседател се согласиле дека нивна обврска како шефови на држави е да продолжат да ги охрабруваат сите политички фактори во нивните држави за да продолжат со спроведување на обврските од европската реформска агенда во интерес, како што рече, „пред сѐ, на нашите граѓани, како и да продолжиме да ги убедуваме европските лидери дека преговорите со земјите во регионот се влог во стабилноста и просперитетот“.
„Со претседателот Мета се согласивме дека од големо значење за нас е досегашната поддршка од Албанија за македонското членство во НАТО“, истакна Пендаровски.
„Исто така констатиравме дека треба да ја продолжиме и насочиме нашата енергија и внимание и во економскиот дел, затоа што економската соработка не ги одразува добрите политички односи и фактот дека сме соседни и пријателски држави. Денес предложив и иницијатива за формирање на, да ја наречам, неформална група на македонско-албанско пријателство“, додаде претседателот на Северна Македонија.
„Регионот не смее да биде заборавен. Овој месец бевме на дневен ред ние и Албанија. ЕУ мора да најде начин и модалитети да ја придвижи и Босна и Херцеговина кон Европа, во институционална смисла, не во смисла на политичка реторика, и мора да вложи дополнителни ресурси заедно со нашите пријатели од преку океанот, да го придвижи кон крај процесот на меѓународно етаблирање на Косово, да ги заврши разговорите меѓу Белград и Приштина, затоа што без затворање и на овие прашања, регионот нема да биде стабилизиран“, изјави Пендаровски.
- Мета: „Единствениот пат останува членството во ЕУ“ -
Албанскиот претседател Илир Мета во својот говор истакна дека по историскиот Договор од Преспа, според него, многу важен за зајакнување на мирот, стабилноста и европската перспектива на регионот, Северна Македонија се движи безбедно кон членството во НАТО.
„Сакам да го изразам задоволството од заложбата на претседателот и институциите на оваа соседна земја за да ги исполнат сите заложби и обврски утврдени во Охридскиот договор, бидејќи тоа секако е многу важно од сите аспекти, не само во зајакнувањето на соживотот во Северна Македонија, но и за самата европска перспектива на оваа земја, нашите односи и целиот регион“, рече Мета.
Претседателот Мета истакна дека имаат заеднички став дека единствениот пат и единствената алтернатива што нема конкуренција од која било друга идеја за обете држави, но и за регионот на Западен Балкан, според него, останува членството во ЕУ.
„Разговаравме за заживување на билатералните односи уште повеќе, во сите поконкретни аспекти, особено за подобрување на меѓусебната поврзаност меѓу нашите земји во однос на инфраструктурата, особено железничката, што е неопходност, но и во областа на енергијата и многу други области“.
Претседателот на Република Северна Македонија учествуваше и на Мировниот самит на Југоисточна Европа, а за време на неговата официјална посета на Албанија ќе се сретне и со премиерот на земјата, Еди Рама, и со претседателот на Парламентот, Грамоз Ручи.