Saimir Alija
26 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
ТИРАНА (АА) - Денес во Тирана започна Мировниот самит на Југоисточна Европа, кој се фокусира на теми како што се мирот, безбедноста и човековиот развој, јавува Anadolu Agency (AA).
На првиот ден од Самитот присуствуваа претседателот на Пепублика Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, потпретседателката на албанскиот Парламент, Василика Хуси, поранешни претседатели на државите од регионот, амбасадори и претставници на граѓански организации.
Во своето обраќање претседателот на Северна Македонија, Пендаровски, рече дека темата на овој панел се заснова на Југоисточна Европа помеѓу меѓузависноста и меѓусебното почитување и почитувањето на универзалните вредности.
„Нема конференција, форум или самит меѓу нас каде не зборуваме за потребата да се фокусираме на мирот, стабилноста и соработката во регионот. Деновиве Северна Македонија и Албанија се соочуваат со ситуација која бара наше лично и стручно внимание. Недостатокот од датум за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, како и недостатокот на отстранување на визите за Косово, без оглед на резултатите, имаат потенцијал да ја поткопаат поддршката за европските вредности во нашите држави и општества“, рече Пендаровски.
Говорејќи за одговорностите за мирот, просперитетот и универзалните вредности во регионот, Пендаровски рече: „Убеден сум дека опасноста за мирот и стабилноста започнува во нашите домови и во нашите општества, кога институциите не можат да им одговорат на потребите на граѓаните и само тогаш тие интервенираат во надворешната и безбедносната политика. Со текот на годините, државите во нашиот регион беа заложници на корумпираните политичари во соработка со други олигарси. Соочени сме со антилиберални и антидемократски тенденции кои беа против аспирациите на граѓаните за демократизација и сè уште има такви практики во елитата.“
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во својот говор рече дека мирот на Косово донесе мир на целиот Балкан.
Тој истакна дека долгорочниот мир на Западен Балкан во голема мерка зависи од постојаниот мир меѓу Косово и Србија и од сеопфатен договор меѓу Косово и Србија, „кој не може да заврши без заемно признавање како две независни и суверени држави“.
„Ние сакаме да станеме земји членки на ЕУ што е можно поскоро, затоа што немаме друга политичка и историска судбина, ниту сакаме друга политичка и историска судбина. Тука треба да се навратам на моето длабоко убедување дека би било најдобро ако сите држави од Западен Балкан заедно ѝ се приклучат на ЕУ“, додаде Тачи.
Според него, мирот во Косово е постигнат со интервенција на НАТО во пролетта 1999 година, додавајќи дека тоа пред сѐ беше резултат на визионерската политика на САД и ЕУ.
Во своето обраќање, потпретседателката на албанскиот Парламент, Василика Хуси, рече дека овој самит се одржува во клучен момент за Западен Балкан, каде Албанија и Северна Македонија прават напори за отворање на преговорите.
„Сите земји од Западен Балкан имаат една цел: мир, безбедност и човечки развој“, рече Хуси.
Самитот го поздрави и претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, кој во својот говор рече дека Југоисточна Европа има историја на турбуленции и поделби, кои, според него, во последно време се надминуваат со создавање цивилизиран дијалог и создавање простор за развој.
„Република Северна Македонија продолжува да работи во полето на зајакнување на добрососедските односи, бидејќи само искрен пристап кон споровите и отворените прашања може да носи прифатлив компромис за страните“, рече Џафери.
Дводневниот самит на тема „Мирот, безбедноста и човековиот развој во Југоисточна Европа“ во Тирана го организира Универзалната мировна федерација (УПФ), како дел од низата тековни самити низ целиот свет кои ги поддржуваат универзалните вредности.