Seyyid Emin
26 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
СКОПЈЕ
Денес во Скопје се одржа „Балкански турски форум“ во организација на Турската партија на движење (ТХП).
На Форумот кој се одржа во еден хотел во Скопје, учествуваа заменик-премиерот и министер за внатрешни работи на С. Македонија, Оливер Спасовски, државниот министер Елвин Хасан, еден од одговорните за надворешни инвестиции во С. Македонија, голем број претставници на политички партии од Турција, народни пратеници од турскиот Парламент, претседателот на Турската партија на движење и пратеник во Парламентот на Северна Македонија, Енес Ибрахим, и голем број гости.
Заменик-премиерот и министер за внатрешни работи на С. Македонија, Оливер Спасовски, во своето обраќање истакна дека како што се нераскинливи постоечките врски на С. Македонија со Турција, така се цврсти и нераскинливи и постоечките врски со турската заедница во С. Македонија.
Спасовски рече дека С. Македонија минува низ тежок период и истакна дека тој период се надминува заедно со турската заедница благодарение на силните врски. „Владата на Република Северна Македонија си постави цел дека сите заедници во земјата се подеднакви, и дека сите треба да добијат подобро образование, култура, и на сите треба да им се обезбеди подобра иднина, независно од која заедница потекнуваат, независно во кој дел од земјата живеат“, посочи Спасовски.

Тој истакна дека организирањето на Балканскиот турски форум во Скопје е од големо значење, додавајќи дека сите одлуки, коишто ќе бидат донесени, ќе бидат пример за сите заедници, држави, нации, и сите одлуки ќе бидат почитувани.
Претседателот на ТХП, Енес Ибрахим, ја истакна својата благодарност што има можност во Скопје да им биде домаќин на значајни личности од светот на полето на науката, уметноста и политиката и додаде: „Еден од елементите што нѐ прави тоа што сме е нашиот јазик, турското образование. Еден од елементите што нѐ прави тоа што сме е нашата култура.“
Ибрахим истакна дека досега турските заедници во сериозна смисла на зборот се бореле за својот опстанок на балканските простори и во исто време биле доста успешни во земјите во кои живеат. Тој во исто време рече дека е докажано оти балканските Турци се најлојалните граѓани во земјите во кои живеат.
Тој истакна дека посакува да ја преземат улогата на мост во соработката меѓу двете земји и да земат учество во значајни проекти во билатералните односи, првенствено на полето на образованието и културата.
Ибрахим рече дека Турците живеат расфрлани по светот, но во нивните души и свеста и прашањето за турцизмот се едно.
Во рамките на Балканскиот турски форум се одржаа два панела, „Панел за образованието на турски јазик“ и „Панел за културата“.
Една од најзначајните цели на Балканскиот турски форум е солидаризација меѓу Турците од Балканот и развивање на соработката на сите полиња. Форумот завршува денес.