Bekir Aydoğan
19 Октомври 2020•Ажурирај: 20 Октомври 2020
ЕРБИЛ
- БЕКИР АЈДОГАН
Шејх Шемо, потсекретар на Регионалната курдска управа на северен Ирак (IKBY), истакнувајќи дека терористичката организација ПКК ја влошила состојбата во Синџар, рече: „За да има мир и спокој во Шенгал (Синџар) ПКК треба да се оддалечи од регионот“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за Агенцијата Анадолија (АА), лидерот на Језидите, Шемо, го оцени договорот потпишан меѓу ирачката Влада и Регионалната курдска управа на северен Ирак (IKBY) на 9 октомври, со кој се предвидува ставање крај на присуството на ПКК во областа Синџар во Мосул.
Истакнувајќи дека се задоволни од договорот за Синџар, Шемо рече дека со договорот, регионот ќе биде управуван од администрација слична на онаа пред 2014 година.
Лидерот на Језидите изјави дека според договорот ниту една вооружена група нема да остане во Синџар, а безбедноста во регионот ќе ја обезбедуваат само ирачката полиција и локалната полиција.
„Ирачката Армија или силите на Пешмергите ќе останат на далечина од најмалку 5 километри за да се осигури безбедноста на областа, освен нив не треба да остане ниту една друга вооружена група“, нагласи Шемо.
Истакнувајќи дека луѓето што мигрирале од Синџар се надеваат дека договорот ќе се реализира, Шемо рече:
„Жителите на Шенгал не сакаат да живеат во шатори. Тие исто така сакаат да се вратат во своите домови ако мирот и безбедноста во Шенгал биде целосно обезбеден, ако административните и државните институции станат оперативни и ако таму пристигне помошта.“
- ПКК не треба да го спречува договорот
Водачот на Језидите, наведувајќи дека присуството на ПКК ја влошува ситуацијата во Синџар, рече: „За да има мир и спокој во Шенгал (Синџар) ПКК треба да се оддалечи од регионот. Какви услуги му има направено ПКК на Шенгал, што корист имаше Шенгал од нив?“
Шемо, истакнувајќи дека договорот меѓу Багдад и Ербил покажал дека ситуацијата во Синџар ќе се подобри, рече дека ПКК не треба да го спречува договорот.
- Меѓу Багдад и Ербил потпишан е договорот за Синџар
Според текстот на договорот потпишан меѓу Багдад и Ербил на 9 октомври, до кои стигна дописникот на АА, ќе бидат извршени нови назначувања за гувернерот на областа и другите административни единици во Синџар.
Безбедноста во Синџар ќе ја спроведуваат полициските сили на Синџар, Потсекретаријатот за национална безбедност и Националната разузнавачка служба во координација со силите на Регионалната курдска управа на северен Ирак (IKBY).
Во согласност со договорот треба да се отстранат сите нелегални вооружени структури од областа. Исто така ќе бидат назначени 2.500 безбедносни елементи во рамките на соработката со Регионалната курдска управа на северен Ирак (IKBY).
- „Ќе се стави крај на постоењето на ПКК“
Во договорот, меѓу другото стои: „Ќе се стави крај на присуството на ПКК во Синџар и неговите околни области. ПКК и сите структури поврзани со нив нема да имаат никаква улога во регионот.“
Во рамките на договорот, исто така, е одлучено да се формира заеднички комитет помеѓу Багдад и Регионалната курдска управа на северен Ирак (IKBY), што ќе има за улога реконструкција на Синџар.
Се наведува дека силите на „Хашди Шаби“, кои се присутни во Синџар, исто така ќе бидат изнесени од областа.