Hamdi Yıldız
11 Август 2020•Ажурирај: 13 Август 2020
ТРАБЛУС
Седумдесет борбени возила на озлогласената суданска група Џанџавид заминуваат кон градот Сирт, на северниот дел на Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Прес-службата на операцијата „Вулкан на гневот“ соопшти дека борбени возила на суданските платеници се снимени во местото Брига, додека заминувале кон градот Сирт и каде ќе се борат во редовите на нелегитимните сили кои од источниот дел на Либија ги предводи Калифа Хафтар.
Озлогласената група Џанџавид се товари за најтешки воени злосторства и геноцид во Дарфур.
„Националната војска на Либија“ на Хафтар покрај суданската група платеници Џанџавид ја поддржуваат и голем број други платеници како припадниците на бунтовничките групи од Чад и платениците на руската група Вагнер.
Во Либија владее граѓанска војна од соборувањето на лидерот Моамер Гадафи во 2011 година. Новата Влада на земјата е формирана во 2015 година во рамки на договорот склучен со посредство на ОН, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на водачот на силите од источна Либија, Калифа Хафтар, поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Легитимната Влада на Либија од минатиот април е под напади на силите на Хафтар, во кои загинаа над 1.000 лица.
ОН ја признаваат либиската Влада предводена од Фајез ал Сараџ како легитимна власт во земјата.
Владата во март ја започна операцијата „Бура на мирот“ против Хафтар за да се спротивстави на нападите врз главниот град Триполи, ослободувајќи стратешки локации, меѓу кои се воздухопловната база „Ал Ватија“ и градот Тархуна.
Хафтар има поддршка од Обединетите Арапски Емирати, Египет и Русија, додека Владата признаена од ОН е поддржана од страна на Турција.