Hamdi Yıldız
26 Април 2020•Ажурирај: 26 Април 2020
ТРИПОЛИ (АА) – Вооружената милиција поврзана со пучистот Калифа Хафтар продолжува да ги бомбардира населените места јужно од Триполи, главниот град на Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на операцијата „Вулкан на гневот“ при Владата на национално единство на Либија, се истакнува дека милицијата на Хафтар без прекин продолжува да ги бомбардира цивилните населби јужно од Триполи.
Наведено е дека четворица странски работници од Нигер се повредени како резултат на напад врз регионот Ајн Зара јужно од главниот град. Двајца од повредените работници се во критична состојба.
Страната на Хафтар, и покрај тоа што на 21 март истакна дека го прифатила прекинот на огнот за да се концентрира на борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, продолжи со воените операции.
По тоа, воените единици на легитимната администрација на земјата, Владата на национално единство, објавија дека од 25 март се префрлиле од позиција на одбрана во позиција на напад „за да го заштитат животот на цивилите“ и затоа ја започнале операцијата „Мировна бура“.