Firdevs Bulut
28 Мај 2020•Ажурирај: 28 Мај 2020
АНКАРА
Либиската армија денеска објави дека уништила 10 оклопни возила кои припаѓаат на милициите на Калифа Хафтар во јужниот дел на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Армиските единици исто така до значајна мера ги расчистија регионите Каризма и Ахја ал Барија од милициите на Хафтар во јужниот дел на Триполи“, изјави официјалниот портпарол на либиската армија, полковник Мухамед Кунуну.
Откако на 18 мај од милициите на Хафтар повторно беше заземена воздушната база „Ватија“ во западниот дел на Либија, армијата продолжува да ја расчистува земјата од милициите.
Армиските единици го опколија градот Тархуна, кој се користи како воена и база на снабдување од страна на милициите на Хафтар. Некои милиции беа принудени да се повлечат од фронтовите во јужниот дел на Триполи за да го одбранат градот.
Армиските единици расчистија широк регион од милициите на Хафтар, вклучувајќи ги Хамза, Јармук и Ас-Саварих. Тие, исто така, повторно вратија некои критични точки од милициите и ја презедоа контролата врз воениот логор „Ал Текбали“.
Откако либиската армија го расчисти јужниот дел на Триполи од милициите на Хафтар, платениците, наводно, се повлекле од фронтовите во Триполи и биле испратени до непозната точка од аеродромот „Бани Валид“.
Медиумите неодамна објавија дека многу возила кои ги носат платениците, се повлекле од фронтовите во Триполи.