Ekip
04 Јуни 2020•Ажурирај: 05 Јуни 2020
ТРИПОЛИ
Откако го зазеде Меѓународниот аеродром во Триполи, либиската армија денеска објави дека комплетно го ослободила главниот либиски град, додека силите се упатени во друг град на југоисточниот дел на земјата, последното упориште на милициите на Калифа Хафтар во западна Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Триполи е ослободен и целосно обезбеден, стигнавме до административните граници на градот Тархуна, југоисточно од главниот град“, изјави Мустафа ал Маџеи, портпаролот на операцијата „Вулкан на гневот“.
Ал Маџеи потврди дека либиската армија влегла во областа Фам Малга во Тархуна, 90 километри од Триполи.
„Воените возила на милициите на Калифа Хафтар се видени како се повлекуваат од Тархуна кон градот Бани Валид, 180 километри југоисточно од Триполи“, додаде Ал Маџеи.
Либиската армија вчера успеа од милициите на Хафтар да ја преземе контролата врз Меѓународниот аеродром во Триполи.
Во март, либиската Влада ја започна операцијата „Бура на мирот“ за да се спротивстави на нападите врз главниот град, а неодамна со голем удар врз силите на Хафтар ги врати стратешките локации, вклучувајќи ја и воздушната база „Ал Ватија“.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога беше убиен Муамер Гадафи. Водачот на сепаратистичките сили од источна Либија, Калифа Хафтар, во април минатата година започна напад за заземање на главниот град Триполи, кој беше спречен од силите на Владата на национално единство на Либија.