Hakan Ceyhan Aydoğan
09 Декември 2016•Ажурирај: 10 Декември 2016
ХАМБУРГ (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров ја негираше својата вчерашна изјава за прекинот на бомбардирањето во Алепо, и порача дека воените акции ќе бидат продолжени сѐ додека вооружените групи не бидат во потполност отстранети од источниот дел на тој сириски град, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров зборуваше на прес-конференцијата во германскиот град Хамбург, каде што присуствува на состанокот на земјите од Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) а во таа пригода се осврна и на состојбата во Сирија.
„Не кажав дека воените операции во Алепо се во потполност прекинати. Реков дека се моментално запрени поради евакуација на цивилите. По привремените хуманитарни прекини, акциите ќе бидат продолжени сѐ додека вооружените групи не бидат во потполност отстранети од источниот дел на Алепо“, изјави Лавров.
Тој нагласи дека за оваа тема разговарал и со американскиот министер Џон Кери, и додаде дека утре во Женева ќе биде одржан состанок меѓу американските и руските експерти во врска со состојбата во Алепо.
„Доколку американската страна во последен момент не го промени ставот, имаме шанса да постигнеме договор за проблемот во Алепо да се реши така што ќе се отстранат сите вооружени групи од источниот дел на Алепо, без исклучоци“, изјави Сергеј Лавров.
Рускиот министер исто така изјави дека Русија е подготвена да го реши прашањето на Алепо без дополнителни загуби поради тоа што, како тој изјави, долго време траеле преговорите од Вашингтон за отстранување на вооружените групи од источниот дел на градот.
„Разговараме и со другите земји од регионот што можат да влијаат на овие групи. Разговараме и со Турција. Се обидуваме да пронајдеме некои заеднички решенија. Овој канал на соработка може да биде поефикасен од американскиот“, порача Лавров.
Да се потсетиме, Лавров вчера изјави дека се прекинати нападите на источниот дел на Алепо за да се евакуираат цивилите, и дека се спроведува најголема операција досега за цивилите да бидат евакуирани. Тој истакна дека станува збор за конвој од осум илјади лица, долг пет километри.
Новинар на АА од Алепо јави дека бомбардирањето е прекинато набрзо по изјавата на Лавров, и дека повторно започнало околу 23 00 часот. Бомбардирањето траело до утринава, а по кратката пауза, повторно продолжило.