Aynur Ekiz,Esin Işık
23 Јуни 2017•Ажурирај: 24 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Фикри Ишик, изјави дека постоењето на турската воена база во Катар е мошне значајно за безбедноста во регионот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ишик беше гостин во програмата на турската информативна телевизија „NTV“ (НТВ), а притоа одговараше на прашањата на новинарите во врска со актуелните случувања.
На почетокот, тој беше запрашан да го прокоментира барањето на земјите што воведоа ембарго кон Катар, а кое се однесува на затворањето на турските бази во оваа земја, на што тој одговори дека е потребно да се седне на маса и да се разговара за таквите барања или проблеми.
На прашањето: „Зошто се бара да се затвори турската база, кога таму исто така е и американската?“ Ишик рече дека тоа претставува манифестирање на врските на одредени земји.
„Не го видов тоа барање во писмена форма. Но, турската воена база во Катар работи на обука на катарските војници, а во исто време нејзината активност се однесува на безбедноста во регионот. Ниту една земја тоа не би требало да ја вознемирува. Засилувањето на турските сили во тој простор претставува значаен чекор по прашањето за безбедноста на регионот“, порача Ишик.
Тој се осврна и на воената поддршка на САД за ЈПГ, огранокот на терористичката организација ПКК на подрачјето на Сирија.
„Од американскиот министер за одбрана добивме писмо во врска со оружјето што се испраќа за ЈПГ. Дадени се гаранции дека по борбата против ДЕАШ, оружјето ќе биде собрано“, изјави Ишик, што според неговите зборови, секако претставува значаен и позитивен чекор.
Како што изјави тој, писмото на министерот е значајно во смисла што САД обрнуваат внимание на чуствителноста во однос на Турција.
„Ние и со поранешниот министер за одбрана, Картер, но и со новоименуваниот министер во повеќе наврати разговаравме за тоа и укажавме дека е неприфатлив односот на САД и ЈПГ. Бидејќи, неприфатливо е една терористичка организација да се користи во борбата против друга. Тоа во принцип е неприфатливо, но и во смисла дека би можело да отвори нови проблеми“, изјави Ишик.