Gökhan Çeliker,Yavuz Aydın
26 Септември 2023•Ажурирај: 27 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Директорот на вашингтонското најголемо ерменско лоби во Соединетите Американски Држави (САД) предизвика контроверзии со објавите на социјалните мрежи, со кои очигледно се повикува на убиство на премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, пренесува Анадолу.
„Со години отсега децата што сѐ уште не се родени ќе ги прашуваат своите дедовци: 'Бабиг, што направи кога беше нападнат Арцах?'“, напиша на Фејсбук Арам Сурен Хампарјан, директор на Ерменскиот национален комитет на Америка во Вашингтон, користејќи го името за регионот Карабах, кој е меѓународно признат како територија на соседот на Ерменија, Азербејџан.
Хампарјан во објавата продолжува: „Дали ја браневте нашата татковина, дали го заштитивте нашиот народ? Многумина – многумина од нив полицајци што жнеат огромни парични бонуси денес – ќе гледаат во чевлите од срам и или ќе мрморат лаги или ќе признаат: 'Го бранев Никол Пашинјан од неговиот народ'.“
Подоцна Хампарјан ги повика телохранителите на Пашинјан да преземат акција кога, според неговите зборови, „Ерменецот кој го чува Пашинјан повеќе ги цени неговата душа отколку неговата плата“.
Објавите на Хампарјан предизвикаа дебата меѓу корисниците на социјалните мрежи, при што еден корисник, изразувајќи поддршка за Пашинјан, напиша: „Зборувате против Пашинјан кој дава сѐ од себе за да добие мирно решение за Арцах (Карабах)“, каде што има провокации од ерменските војници во последните месеци и години.
Друг корисник напиша: „Ова е срамна порака што не е достојна за челник на ерменско-американска политичка групација. Повикот за атентат на избран лидер на земја што е партнер на САД е некомпатибилно со американските вредности, без разлика што чувствувате за постапките на тој лидер. Насилството нема место во политиката.“
Уште еден корисник на социјалните мрежи изрази загриженост за стабилноста на ерменската држава и ја повика полицијата да преземе мерки против опозициските лидери што протестираат на улиците. Тие, исто така, го повикаа ерменското Министерство за надворешни работи внимателно да ги следи надворешните обиди за подривање на состојбата во земјата.
Ерменија има голема дијаспора, со која, според многу набљудувачи, има големо влијание врз внатрешните работи во оваа кавкаска земја без излез на море.
Во меѓувреме, во Ерменија, осум лица, од кои седум члена на Воено-патриотското друштво „Крстоносци“, беа приведени во неделата под обвинение за обид за преземање на власта со сила и планирање атентат на Пашинјан и други членови на Владата, според Ерменската служба за национална безбедност.
- АНКА: Поврзаност со тероризмот и насилството -
Ерменскиот национален комитет на Америка (АНКА) е познат по своите активности низ САД официјално да се признаат ерменските тврдења во врска со настаните од 1915 година и, ако е можно, да се воведат санкции кон Туркије.
Сугерирањата за насилство во објавите на социјалните мрежи не се некарактеристични за АНКА, која е позната и по својата поврзаност со ерменските терористички групи и терористите што дејствуваат во САД.
Моурад Топалиан, кој имаше врски со организацијата од 1970-тите години додека беше нејзин претседател, беше уапсен во 1999 година за обвинение поврзано со оружје и експлозиви и осуден на затвор во 2001 година.
АНКА ја продолжи својата поддршка за ерменските терористички групи дури и во последните години. Организацијата направи значителни напори за да обезбеди ослободување на ерменскиот терорист Хампиг Сасуниан, кој во 1982 година го уби Кемал Арикан, турскиот генерален конзул во Лос Анџелес.
Во март 2021 година гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, директно ја информираше АНКА за неговата одлука за ослободување на Сасуниан.
Нора Ховсепијан, претседателка на Ерменскиот национален комитет на Америка-Западен Регион, изрази благодарност за одлуката.
И покрај тоа што Туркије беше една од првите држави што ја призна независноста на Ерменија во 1991 година, двете земји се поделени по низа прашања, меѓу кои и окупацијата на азербејџанските територии од страна на Ереван, настаните од 1915 година за време на владеењето на Османлиското Царство и затворањето на границата меѓу двете соседни земји од 1993 година.
Во 2021 година Анкара и Ереван назначија специјални претставници за нормализирање на односите.
Минатата недела, по провокациите на ерменските сили во Карабах, Азербејџан соопшти дека започнува антитерористички активности во регионот, со цел да го одржи трилатералниот мировен договор склучен во 2020 година со Русија и Ерменија. По 24 часа беше постигнат прекин на огнот.
Есента 2020 година Азербејџан ослободи неколку града, села и населби во Карабах од речиси 30-годишна ерменска окупација. Војната заврши со прекин на огнот што се постигна со посредување на Русија.
Тензиите меѓу двете земји продолжуваат и покрај тековните разговори за долгорочен мировен договор.
Пашинјан и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, треба да се сретнат на 5 октомври во шпанскиот град Гранада за да разговараат за потпишување мировен договор меѓу двете држави.