Betül Yürük
19 Април 2020•Ажурирај: 19 Април 2020
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, истакна дека ако Кина е намерно одговорна за појавата на новиот вид коронавирус, Ковид-19, треба да се соочи со последиците, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција одржана во Белата куќа, Трамп рече дека гледаат позитивни сигнали дека епидемијата на Ковид-19 го достигнала „врвот“ во САД.
Споредувајќи ја стапката на смртност во САД со западноевропските земји во однос на населението, Трамп рече: „Нашата смртност е веројатно многу пониска од другите западноевропски земји освен Германија. Велика Британија, Швајцарија, Белгија, Италија, Франција се меѓу тие земји. Стапката на смртност во Шпанија е околу 4 пати поголема од САД.“
- Трамп тврди дека стапката на смртност во Кина е повисока -
Тврдејќи дека бројките во Кина не ја одразуваат вистината, Трамп рече: „Кина е на прво место. Тие се далеку пред нас во однос на смртноста.“
Во врска со улогата на Кина во епидемијата, Трамп нагласи: „Ако е грешка, грешка е, но ако тие се намерно одговорни, треба да се соочат со последиците.“
- Некои бизниси во Тексас и Вермонт ќе бидат отворени во понеделник -
Трамп најави дека некои работни места во сојузните држави Тексас и Вермонт ќе бидат отворени во понеделник почитувајќи ги правилата за социјална дистанца.
Исто така рече дека Монтана во петок ќе почне да ги укинува ограничувањата, додека во Северна Дакота и Ајдахо од 1 мај постепено ќе започнат да се отвораат бизнисите.
Трамп рече дека досега се спроведени над 4 милиони тестови за коронавирус низ САД, а бројот на тестови спореден со бројот на населението е поголем од многу други земји.
Посочувајќи дека САД започнале со производство и складирање на илјадници респиратори, Трамп наведе дека ќе му помогнат на Мексико, каде што има недостаток на респиратори.
Како одговор на ретвитот на неговиот профил на Твитер, „Дали за време на Рамазан властите ќе ги спроведуваат правилата за социјална дистанца во џамиите исто како што ги спроведоа за Велигден“, Трамп рече: „Сакам да видам што ќе се случи.“
Наведувајќи дека е верник и дека не е важно од која вера е, Трамп рече дека христијанската вера е третирана различно и неправедно, во споредба со порано.